Несторовски: Продолжуваме да тренираме и се надеваме дека ситуацијата полека ќе се смири

Во понеделникот премиерот на Италија, Џузепе Конте, прогласи црвена зона во цела Италија и ги суспендира сите случувања во државата поради коронавирусот. Вчера во Удине немаше голема раздвиженост. Фудбалското првенство е суспендирано до 3 април, а ние во клубот продолжуваме да тренираме и се надеваме дека ситуацијата полека ќе се смири и за брзо време ќе продолжиме да се натпреваруваме, ни изјави македонскиот фудбалски репрезентативец Илија Несторовски, кои ги брани боите на Удинезе. Г.И.

Пешевски: Сѐ функционира нормално во и надвор од градот

Засега сѐ функционира нормално во градот и надвор од него. Веројатно сите се претпазливи и се почитува тоа што се апелира за заштита од вирусот. Дезинфекција, одржување хигиена, избегнување контакти со луѓе и слично, се најчестите коментари што можат да се чујат тука. Тренираме со полна пареа. Задолжителна е дезинфекција на рацете пред и по тренингот, избегнуваме да се поздравуваме со нашите навивачи пред и по натпреварите, вели ракометниот репрезентативец и член на германски Штутгарт, Жарко Пешевски. Г.И.

Георгиевски: Тренираме нормално, играме без публика

Во Букурешт, последните денови има помала раздвиженост, отколку што е вообичаено. Луѓето се замолуваат да не ги посетуваат или да ги избегнуваат колку што е можно повеќе местата каде што има поголема група луѓе. Во клубот тренираме нормално, а сите натпревари се играат без публика, вели ракометарот на романски Букурешт, репрезентативецот Гоце Георгиевски. Г.И.

Саздовска: Ги следиме препораките за превенција

Засега нема потврден случај на заболен од коронавирусот во Ница, така што нормално ги одвиваме тренинзите во клубот. Како што можам да забележам, жителите на Ница секојдневните обврски ги вршат по вообичаен тек, но во согласност со целокупната состојба во Франција, задолжително ги следиме сите препораки за превенција од надлежните органи во врска со вирусот, вели ракометната голманка Јована Саздовска, која настапува во францускиот клуб Ница. Г.И.

Рома не отпатува за Севилја, Хетафе не замина за Милано

Фудбалерите на Ромa нема да патуваат на вечерашниот меч со Севилја, во ЛЕ бидејќи нивниот авион од Италија не добил дозвола да слета во Шпанија, јави „Би-би-си“. Во меѓувреме шпанскиот Хетафе одби да патува во Италија на мечот со Интер вечерва во Милано, исто така во ЛЕ, сето тоа поради ширењето на коронавирусот. Од меѓународните дуели што следуваат без публика ќе играат ЛАСК – Манчестер ј., Олимпијакос – Вулверхемптон, Баерн – Челси, Барселона – Борусија Д. итн. Л.Д.