Ѓорческа реди победи во Трнава

По двете победи во квалификациите, македонската тенисерка Лина Ѓорческа славеше со 2-0 во сетови и во првото коло на турнирот што се игра во Трнава (Словачка), за награден фонд од 25.000 долари, на тврда подлога. Ѓорческа за пласман во осминафиналето ја победи четвртата носителка Река-Лука Јани (192-та на листата на ВТА) од Унгарија со 6-3 и 6-1, а претходно во квалификациите победи со 6-2, 6-2 на мечот со Дениса Хиндова од Чешка и со 6-3 и 6-2 на дуелот со Вивиен Јухазова. Ѓорческа настапува и во двојки, заедно со Ирина Хромачева од Русија, со која победи во првото коло со 6-4, 6-2 на дуелот со Лабоуткова и Томанова од Чешка, а денеска треба да настапат во четврт-финалето. Пред турнирот во Словачка, Ѓорческа беше 400-та на поединечната листа на ВТА, а на рангирањето во двојки беше на 211-то место. Со досегашните победи на турнирот во Трнава таа освои нови бодови, со кои е можен напредок на двете листи.

Младите каратисти подготвени за нови европски медали

Македонија со вкупно 36 натпреварувачи, предводени од селекторите Стојан Андриевски (кати), Александар Кузмановски (кадети и јуниори) и Арлинд Хусеини (постари јуниори, до 21 година), ќе настапи на 47. Европско првенство (ЕП) во карате, од петок до недела во Будимпешта, Унгарија. На ЕП се пријавени вкупно 1.155 каратисти од 52 држави во 35 категории.
– Пред сѐ очекувам добар настап и пласман во Будимпешта. Добро сум подготвен и ќе настојувам да го дадам максимумот на татамите, а секако ќе атакувам и на еден од медалите – вели јуниорот Александар Неделковски (во кати петти на СП 2019 и 11-ти на ЕП 2019 како јуниор).
Во составот за ова ЕП се и, на пример, постарите јуниорки Вероника Костовска (златен медал како кадетка на ЕП 2015) и Драгана Манговска (петта на ЕП 2018), потоа постариот јуниор Столе Смилковски (бронза на ЕП 2016 како кадет), јуниорите Бојан Костов (сребро на ЕП 2019 и сребро на СП 2019, како кадет), Марио Свинарски (петти на СП 2017 и на ЕП 2018 како кадет) итн. Г.И.

Корејски навивачи добија отштета поради неиграњето на Роналдо

Судот во Јужна Кореја му наложи на организаторот на фудбалски меч да обесштети двајца навивачи, откако Кристијано Роналдо не настапи на пријателскиот натпревар за Јувентус, како што било најавено. Било речено дека Роналдо ќе игра најмалку 45 минути против олстар-тимот на корејската лига минатиот јули, но тој го преседе мечот на клупата за резервни играчи. Организаторите ќе треба да им платат 285 евра на двајцата навивачи. Во обесштетувањето се вклучени и 230 евра за „предизвикана ментална болка“, изјави адвокатот Ким Мин-ки, кој за агенцијата „Ројтерс“ рекол дека застапува уште 87 други оштетени за истиот случај. Сите 65.000 билети за тој натпревар биле распродадени за помалку од три минути. Л.Д.

Холанд речиси на секој меч поставува рекорд

Тинејџерот, 19-годишниот Норвежанец, Ерлинг Браут Холанд постави уште еден фудбалски рекорд. На мечот на Борусија Дортмунд во Купот на Германија со Вердер (3-2 за Вердер) тој постигна еден гол и стана првиот играч што постигнува осум гола на првите четири натпревари за еден бундеслигашки клуб. Ефектот на Холанд е уште поимпресивен ако се има предвид фактот дека на само еден меч беше стартер. Сезонава на 26 натпревари, за Салцбург и за Борусија, Холанд постигна 32 гола. На натпреварот против Вердер, во книгата на рекорди се запиша уште еден играч на Борусија. Тоа е Американецот Џовани Реина, кој стана најмладиот што постигнува гол во меч за Купот на Германија, на возраст од 17 години и 82 дена. Л.Д.