Само Мугуруза не е носителка меѓу полуфиналистките

Романката Симона Халеп, шампионката од Вимблдон, и Шпанката Гарбине Мугуруза се втората полуфинална женска двојка на тенискиот гранслем-турнир Австралија опен. Халеп (четврта носителка), која нема загубено ниту еден сет во Мелбурн, ја совлада Естонката Анет Контавејт со 6-1, 6-1 само за 53 минути игра, а Мугуруза (не е носителка), двократната гранслем-шампионка, ја елиминира Русинката Анастасија Павличенкова со 7-5, 6-3. За Мугуруза ова е првото гранслем-полуфинале по 2018 година, на францускиот Ролан Гарос. Втората полуфинална двојка ја сочинуваат светскиот рекет број 1, Австралијката Ешли Барти (прва носителка), и Американката Софија Кенин (14-та носителка)). 


Ѓоковиќ повторно може да стане број 1

Со евентуално освојување на осмиот трофеј во Мелбурн, а по поразот на Рафаел Надал во четврт-финалето на тенискиот гранслем-турнир Австралија опен, Новак Ѓоковиќ повторно ќе се врати на првата позиција на ранг-листата на АТП. Но претходно, ќе треба во полуфиналето денеска да го совлада Роже Федерер, а во финалето подобриот од дуелот помеѓу Австриецот Доминик Тим и Германецот Александар Зверев. Поразот на Надал значи дека тој во Мелбурн не ќе може да го израмни рекордот на Федерер од 20 гранслем-титули. Во четврт-финалето на Австралија опен, петтиот фаворит Тим го доби трилер-мечот против светскиот рекет број 1, Надал со 7-6, 7-6, 4-6 и 7-6. Зверев, пак, триумфира над Стан Вавринка со 1-6, 6-3, 6-4, 6-2. Л.Д.