Надал и Гасол собраа 14 милиони евра на донаторската сметка за борбата против коронавирусот

Шпанскиот тенисер Рафаел Надал и кошаркарската НБА-ѕвезда По Гасол, кои во март годинава ги повикаа шпанските спортисти да донираат за жртвите од пандемијата на коронавирусот, се изненадија од одзивот на своите колеги и од сумата што во изминативе два месеца ја собираа на донаторската сметка, пренесоа шпанските медиуми. Целта на двајцата врвни шпански спортисти во тоа време била да соберат 11 милиони евра за Црвениот крст, но донираната сума достигнала 14 милиони евра. Собраните пари ќе бидат наменети за повеќе од еден милион луѓе погодени од пандемијата. 

Боман: Ако го заклучиме ракометот цела година,
тоа ќе биде чекор назад 40 години

Новата сезона од германската ракометна Бундес-лига ќе почне со присуство на гледачи во салите, изјави извршниот директор на лигата, Френк Боман.
Тој појасни дека Бундес-лигата сака да ја почне новата сезона со пристап чекор по чекор и во почетокот од сезоната да биде дозволено присуство на гледачи колку што е 25 отсто од капацитетот на салата, па како што ќе одминува сезоната и процентот постепено да се зголемува.

Како можни датуми за почеток на новата сезона во Бундес-лигата се предвидени 4 септември или почетокот на октомври. Боман не ја исклучува можноста и за одложување на почетокот на Бундес-лигата за јануари 2021 година, доколку не се подобри ситуацијата со пандемијата.

Сите предлози ќе им бидат претставени на клубовите во Бундес-лигата, кои во следните две седмици ќе треба заеднички да одлучат за почетокот и за условите во кои ќе се игра новата сезона.
– Ако го заклучиме ракометот цела година, тоа ќе биде чекор назад 40 години – вели Боман. 

Бразил се повлече од трката за домаќин на СП 2023

Бразил ја повлече својата кандидатура да биде домаќин на Светското првенство (СП) во фудбал за жени во 2023 година, објави „Би-би-си“. Бразил сега ќе ја поддржи кандидатурата на Колумбија, а во игра се и Јапонија и заедничка понуда на Австралија и на Нов Зеланд за домаќин на турнирот со 32 репрезентации. Според информациите, Светската фудбалска федерација (ФИФА) треба да гласа за избор на домаќин на 25 јуни.

Бразил беше домаќин на голем број големи меѓународни спортски натпревари претходните неколку години, вклучувајќи ги и фудбалското СП за мажи во 2014 година, Летните олимписките и Параолимписките игри во 2016 година и фудбалската Копа Америка во 2019 година.