Јапонецот Миура ќе игра професионален фудбал и на 54 години

Најстариот професионален фудбалер во Јапонија, Казујоши Миура, ќе игра и на 54-годишна возраст, откако го продолжи договорот со Јокохама за уште една сезона. Новата сезона во Џеј-лигата треба да почне на 27 февруари, пренесе „Би-би-си“. Поранешниот репрезентативец на Јапонија пристигна во Јокохама во 2005 година и оваа ќе му биде17-та сезона во клубот, а 36-та вкупно.
– Моите аспирации и страст кон фудбалот само се зголемуваат – изјави Миура, кој ја почна кариерата во бразилскиот Сантос во 1986 година и стана најстариот играч што постигнал гол во јапонската професионална лига, во 2017 година, на возраст од 50 години и 14 дена.
Миура е еден од најомилените спортисти во таа земја, првата јапонска фудбалска суперѕвезда и заштитно лице на Џеј-лигата, која е формирана во 1993 година. За Јапонија тој одигра 89 натпревари и постигна 55 гола. Има настапувано и за италијанската Џенова во Серија А, како и во клубови во Хрватска и во Австралија. Л.Д.


Ноер е прогласен за најдобар фудбалер на Германија за 2020 година

Капитенот на европскиот фудбалски клуб Баерн и на репрезентацијата на Германија, голманот Мануел Ноер, е избран за најдобар играч на Германија за 2020 година од страна на навивачите на германската репрезентација, објави Бундес-лигата на својата интернет-страница.
Ноер (34) со Баерн освои сѐ што имаше да се освои на клупско ниво во 2020 година, со титулата во Бундес-лигата, трофејот во Купот на Германија, потоа пехарите во Лигата на шампионите, Суперкупот на Германија и Суперкупот на Европската фудбалска унија (УЕФА).
Во изборот, Ноер доби 57,8 проценти од вкупниот број гласови. Неговиот соиграч од Баерн, Серж Гнабри се најде на второто место, а трет е Матиас Гинтер од Борусија Менхенгладбах.
Ноер настапи на четири меча за националниот тим во 2020 година, а сега има вкупно 96 настапи за својата земја, со што е на 15-то место на листата на фудбалери што играле за четирикратен светски првак.


ФИДЕ
Без такси за рангирање турнири во забрзан и во брз шах

Генералното собрание на Светската шаховска федерација (ФИДЕ) во декември ги одобри новите финансиски регулативи, кои стапија во сила на 1 јануари годинава, а меѓу другите измени регулативата сега вклучува референци на турнири во забрзан и брз шах. Така, Советот на ФИДЕ одлучи да се откаже од тарифите за рангирање за турнирите играни на табла во забрзан и во брз шах, за 2021 и 2022 година, пишува ФИДЕ. Оваа одлука е во согласност со општата стратегија на ФИДЕ за намалување на сите видови такси што е можно повеќе. Наскоро се очекува да биде објавен и подетален извештај за тоа како административните такси се намалени или се откажани целосно во текот на изминатите две години, пишува ФИДЕ. Г.И.