ФУДБАЛ
Холанд ја доби наградата „златно момче“ за 2020 година

Напаѓачот на Борусија Дортмунд, Норвежанецот Ерлинг Холанд (20) е добитник на признанието „златно момче“ во 2020 година, за најдобар фудбалер до 21 година што настапува во европските лиги.
Покрај Холанд, првиот добитник на оваа награда од Норвешка, кој постигна 31 гол на 30 настапи за бундеслигашот од Дортмунд, во најтесниот круг кандидати за ова признание беа Ансу Фати од Барселона, Алфонсо Дејвис од Баерн, Џејдон Санчо од Борусија Дортмунд и Мејсон Гринвуд од Манчестер јунајтед. Наградата „златно момче“ ја доделува италијанскиот спортски весник „Тутоспорт“ од 2003 година. Лани признанието го доби Португалецот Жоао Феликс од Атлетико, а меѓу претходните добитници на оваа награда се и Вејн Руни, Лионел Меси, Серхио Агуеро, Пол Погба итн. Л.Д.


Велосипед на Пантани од Тур во 2000 година ќе се продава за 30.000 евра

Велосипедот од марката „бјанки“ што го користел Италијанецот Марко Пантани на Тур де Франс во 2000 година, кога на легендарниот врв Мон Венту го победи Американецот Ленс Армстронг, ќе се продава преку аукција во Италија, со проценета вредност од 25.000 до 30.000 евра, објави „Сајклинг њуз“. На аукцијата ќе се продава и велосипедот на Пантани направен за Летните олимписки игри во 2000 година во Сиднеј, каде што тој беше дел од петчлениот италијански тим. И тој велосипед се проценува дека ќе се продаде од 25.000 до 30.000 евра. На аукцијата преку интернет, покрај велосипедите, ќе бидат понудени и жолтата маичка од Тур де Франс и две розови маички од Џиро д’Италија во 1998 година, со автограми на Пантани, кој почина на 14 февруари 2004 година. Велосипедите и предметите доаѓаат од музејот „Меркатоне уно“, италијанскиот синџир на продавници што го спонзорираше Пантани во поголемиот дел од неговата кариера. Л.Д.


СКИЈАЊЕ – СВЕТСКИ КУП
Речиси две години во слалом победуваат само Шифрин и Влхова

Петра Влхова од Словачка победи во слаломот во Леви (Финска), во Светскиот куп (СК) во алпско скијање, што е за неа 15-та победа во СК, со предност од 18 стотинки пред Американката Микаела Шифрин. Трета беше Австријката Катарина Линсбергер.
Шифрин и Влхова триумфираа на претходните 27 слаломи во СК, почнувајќи од јануари 2017 година. Шифрин забележа 19, а Влхова осум триумфи, меѓу кои половината на последните четири трки. Првпат од 2014 година Шифрин не победува на три слалома во низа, но секогаш завршуваше на подиумот.
За Шифрин (25) тоа беше првата трка по трката на 26 јануари годинава во Банско и по смртта на нејзиниот татко на 2 февруари. Шифрин 13-ти пат го освои второто место во кариерата во СК (има и 66 победи), Л.Д.