КОШАРКА – ВТОРА ЈАДРАНСКА ЛИГА
МЗТ Скопје и Работнички фаќаат ритам

Македонските претставници во Втората јадранска лига во кошарка, МЗТ Скопје и Работнички, имаат по две победи и еден пораз по трите одиграни кола во т.н. „балон“ во Златибор (Србија).
МЗТ Скопје загуби од Подгорица (72-74), а потоа ги совлада Сутјеска (92-83) и Широки (80-73) и сега е трет со пет бода. Работнички, пак, во оваа конкуренција прво загуби од Студентски центар (69-98), а ги надигра Подгорица (76-70) и Ловќен (82-77) и е шести, исто така, со пет бода, меѓу вкупно 14 екипи.
До крајот на овој дел од сезоната, во „балонот“ на Златибор, Работнички синоќа требаше да игра со Младост, а МЗТ Скопје денеска со Борац. Г.И

ТАБЕЛА

С. Центар 3 3 0 6
Спарс 3 2 1 5
МЗТ Скопје 3 2 1 5
Подгорица 3 2 1 5
Слобода 3 2 1 5
Работнички 3 2 1 5
Златибор 2 2 0 4
Широки 3 1 2 4
Младост 3 1 2 4
Ловќен 3 1 2 4
Борац БЛ 2 1 1 3
Сутјеска 3 0 3 3
Хелиос 2 0 2 2
Горица 2 0 2 2


МОТОЦИКЛИЗАМ
Шпанецот Мир му ја прекина
доминацијата на сонародникот Маркез во Мото ГП

Шпанецот Жоан Мир (23) е новиот светски првак во мотоциклизам, во најсилната класа Мото ГП, на една трка до крајот на шампионатот. За Мир ова е прва шампионска титула во „кралската“ класа и прва за Сузуки по онаа на Американецот Кени Робертс Помладиот во 2000 година.
Мир му ја прекина доминацијата на својот сонародник, Марк Маркез (27), кој ја освојуваше титулата во Мото ГП во претходните четири години, или вкупно шест во минатите седум сезони. Маркез ја пропушти годинашната сезона откако ја скрши десната рака на отворањето на сезоната, во јули.
– Неверојатно, немам зборови за да ги опишам емоциите. Не можам ниту да се смеам, ниту да плачам. Навистина сум среќен, не ми се верува што се случува – изјави Мир, пренесува „Би-би-си“.
Мир сезонава забележа една победа, со шест искачувања на победничкиот подиум, и освои 171 поен. Л.Д.


Финалниот турнир на Лигата на нациите во октомври в година

Полуфиналните натпревари на завршниот турнир во фудбалската Лига на нациите (ЛН) во циклусот 2020/2021 се закажани за 6 и за 7 октомври в година, а финалето и средбата за третото место треба да се играат на 10 октомври 2021 година.
Три земји од првата група на лигата А, Италија, Холандија и Полска, се заинтересирани да бидат домаќини на финалниот турнир. Засега сигурен пласман на тој турнир обезбеди Франција од групата 3, а во игра се и Италија, Холандија и Полска од групата 1, Белгија и Данска од групата 2 и Германија и Шпанија од групата 4.
Во првата сезона на Лигата на нациите победи селекцијата на Португалија, а на тој турнир што се играше во португалските градови Порто и Гимараеш, играа и репрезентациите на Холандија, Англија и на Швајцарија.


ФУДБАЛ
Дури 21 репрезентација се тркаат за пласман во повисока лига

На едно коло пред крајот на втората сезона од фазата по групи на фудбалската Лига на нациите ниту една репрезентација нема обезбеден пласман во повисок ранг, а само Франција од лигата А е сигурно прва во својата група и ќе игра за трофејот во ова ново натпреварување на Европската фудбалска унија (УЕФА).
Така, во лигата А во трка за уште три први места се седум репрезентации, од лигата Б во највисок ранг ќе се пласираат четири од деветте селекции што уште се во игра, во лигата Ц осум репрезентации се натпреваруваат за четирите места што водат во лигата Б, а од лигата Д четири репрезентации играат за двете места што носат пласман еден ранг погоре, во лигата Ц.