Фудбал
Меси постигна гол и од игра!

Лионел Меси, кој влезе во игра на полувремето од мечот Барселона – Бетис 5-2, (при резултат 1-1), постигна два гола за првиот првенствен триумф на Каталонците во пет кола. Барселона, која претходно го совлада Виго на 1 октомври, сега има 11 бода по осумте одиграни натпревари.
Меси го постигна првиот гол сезонава од игра, за клубот или во дресот на Аргентина, откако претходните шест ги даде од пенал!
– Лионел го заврши натпреварот против Динамо Киев со некои проблеми. Затоа решив да го одморам и да не го почне мечот. Но разговаравме за тоа и се договоривме дека ќе влезе во игра ако се чувствува добро. Во принцип тој е играч што секогаш игра, но сега беше поинаку поради некои помали проблеми – изјави тренерот на Барселона, Роналд Куман. Л.Д.


СКИЈАЊЕ
Шифрин: Сакам пак да бидам на стартната капија и пак да уживам во тоа

Двократната олимписка шампионка во алпско скијање, Американката Микаела Шифрин, во интервјуто преку Инстаграм, за олимпискиот ТВ-интернет канал на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК), говори за новите перспективи во животот и за скијањето, пред враќањето на патеките во ноември. Шифрин сака на сите да им стави до знаење дека уште не размислува да се повлече од скијањето и покрај „ужасната година“.
– Годинава, особено летово, процесот на приземјување за сите нас ми ги отвори очите многу повеќе отколку скијачките трки. Во исто време, тоа ја зацврсти мојата мотивација да му се вратам на спортот. Не сакам да ја завршам кариерата како скијачка и да се оддалечам од спортот поради семејната трагедија. Сакам повторно да бидам на стартната капија на трките и сакам повторно да уживам во тоа. Среќна сум во тој процес и одам чекор по чекор. Размислувам за иднината, но се обидувам да разберам повеќе за тоа каде сум сега. Во моментов иднината е како нејасна слика – изјави Шифрин.
Првата трка на која требаше да настапи по смртта на нејзиниот татко во февруари, беше на отворањето на сезоната во Светскиот куп (СК) во Зелден, на 17 октомври. Но повредата на грбот ја спречи да патува за Австрија, и наместо тоа остана во Колорадо. Враќањето на патеката е одложено за трките во Леви, Финска, на 21 и на 22 ноември.
– Се надевам дека ќе закрепнам и би требало да му се вратам на скијањето во ноември. Тоа е мојата цел. Сѐ ќе биде познато пред Леви, затоа што ќе треба да тренирам пред да почнам да се тркам. Дома во Колорадо станува постудено, па би можеле да излеземе и на снег во планините. Тоа ќе биде добар тест, и ако почувствувам болка, тогаш претпоставувам дека ќе ми треба уште малку време за закрепнување – вели Шифрин. Л.Д.


Токио викендов тестираше протоколи за ЛОИ

Јапонската престолнина викендов беше домаќин на меѓународно натпреварување во гимнастика, на кое беа тестирани здравствено-безбедносните протоколи што ќе бидат во сила за време на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио 2021 година. Спортскиот директор на Организацискиот комитет на ЛОИ во Токио, Коџи Мурофуши, гимнастичкото натпреварување го опиша како „лакмусов тест“ за ЛОИ во Токио, кои беа одложени поради ковид-19.
Според протоколите, гимнастичарите од Русија, САД и од Кина, во Јапонија пристигнале со чартер-летови и сите морале да покажат потврда дека не биле заразени со ковид-19 во последните 72 часа.
Сите учесници биле сместени на посебен кат во еден од хотелите што ќе бидат домаќини и на олимпијците, а нивното движење, во хотелот и во салите за тренинг и натпревари, било строго ограничени. Освен тоа, сите учесници биле подложени на тестирање пред почетокот на натпреварувањето. Според организаторите, на ова гимнастичко натпреварување, кое првично било закажано за март годинава, било дозволено присуство на 2.000 гледачи и притоа биле почитувани сите здравствени и безбедносни протоколи. Та.Д.