КОШАРКА – НБА
Хироу со дебитантски рекорд го доближи Мајами до финалето

Кошаркарите на Мајами поведоа со 3-1 во победи против Бостон во финалето од плејофот на Источната конференција во НБА-лигата, откако го добија четвртиот натпревар со 112-109. Се игра до четири победи, а следниот натпревар е в сабота наутро. Херој на средбата беше кошаркарот на Мајами Тајлер Хироу, кој постави клупски рекорд во плејофот за дебитант со 37 поени, а придодаде уште шест скока и три асистенции. Тој имаше шут од игра 14/21, реализира пет тројки од 10 обида, со што стана втор најмлад играч во историјата на плејофот на НБА-лигата, кој постигнал најмалку 35 поени на еден натпревар. Г.И.


Јапонецот Миура игра прволигашки фудбал на 53 години

Јапонецот Казујоши Миура, попознат како кралот Казу, активно игра фудбал на 53-годишна возраст. Миура влезе во историјата на јапонскиот фудбал на натпреварот Јокохама – Кавасаки Фронтале (2-3), кога стана најстариот стартер во Првата лига, објави агенцијата „Франс прес“ (АФП).
– Казу е нашата гордост. Овој рекорд за историјата сигурно ќе биде силен поттик за сите активни играчи, како и за децата што сонуваат да станат идни фудбалери. Се надевам дека ќе продолжи да игра со иста страст – изјави претседателот на Џеј-лигата, Мицуру Мураи, кој има 61 година.
Миура, кој е во Јокохама од 2005 година, беше повлечен од игра во 56-та минута. Тој доби овации, но беше разочаран од својот настап.
– Можев да ја примам топката на средината од теренот, но не и во 16-те метри, така што ми се чини дека нешто не беше како што треба. Сакам да го искористам искуството од овој меч за следните дуел – изјави Казу.
Неговиот најнов рекорд привлече внимание и на официјалниот твитер-профил на ФИФА. „Сите го поздравуваат кралот Казу“, гласеше објавата на Твитер, со емотикон на круна. Л.Д.


Седуммина спортисти на листата на „Тајм“ за највлијателни луѓе во светот годинава

Луис Хамилтон, светскиот првак во Формула 1, победничката на тенискиот гранслем-турнир во Њујорк, Наоми Осака, фудбалерката Меган Рапино, Патрик Махомс, кој беше прогласен за најкорисен играч (МВП) на супербоул-мечот во американски фудбал, атлетичарката Алисон Феликс, НБА-кошаркарите Двејн Вејд и Јанис Антетокунбо, се спортистите што се најдоа на листата на магазинот „Тајм“ со сто највлијателни луѓе во светот во 2020 година. Со таквата листа, на која не се именува победник, престижниот американски магазин им оддава признание на поединците што имале значајно влијание врз глобалниот светски пејзаж во годината и вклучува шефови на држави, деловни лидери, спортисти, активисти, забавувачи и други.