КОШАРКА – НБА, ПЛЕЈОФ
ЛА лејкерс по 10 години пак е на чекор до финалето

Лос Анџелес лејкерс се пласира во финалето на Западната конференција, откако го совлада Хјустон во петтиот кошаркарски натпревар од годинашниот плејоф во НБА-лигата. Овој пат победи со 119-96 и по 10 години ќе игра за влез во големото финале.
Се чинеше дека по 1-1 во победи во серијата овој двомеч ќе донесе неизвесност, но „езерџиите“ со три последователни триумфи славеа со 4-1 во победи и потврдија дека се сериозен конкурент и за освојување на шампионскиот прстен.
Победникот беше најавен во првата четвртина, кога ЛА лејкерс водеше со 15 поени разлика (35-20), а во почетокот на четвртиот дел и со 30 поени. Леброн Џејмс беше најефикасен играч на дуелот со 29 поени, 11 скока и седум асистенции. И додека ова ќе биде прво конференциско финале на ЛА лејкерс по една деценија, Џејмс ќе го одигра своето деветто финале во претходните 10 години. Тој не успеа само минатата сезона, со ЛА лејкерс.
За пласман во големото финалето на НБА, Лос Анџелес ќе игра против подобриот од дуелот помеѓу градскиот ривал ЛА клиперс и Денвер. ЛА клиперс водеше со 3-2 пред шестиот меч синоќа. На Истокот во финалето ќе се сретнат Бостон, кој го победи актуелниот првак Торонто со 4-3 во победи, и Мајами. Г.И.


БОКС
Фјури и Вајлдер и третпат на рингот во Лас Вегас?

Мегданот каде што двајцата би требало да ги „вкрстат“ ракавиците ќе биде новиот НФЛ-стадион на екипата Лас Вегас Рајдерс

Ривалството помеѓу боксерите Тајсон Фјури (32) и Дионтеј Вајлдер (34), најверојатно, ќе има и трето продолжение. Иако беше најавувана за јуни, а потоа и за октомври, третата борба помеѓу британскиот и американскиот професионален боксер во тешка категорија, би требало да се одржи на 19 декември во Лас Вегас (САД).
Мегданот во тешка категорија каде што ќе ги „вкрстат“ ракавиците ќе биде новиот НФЛ-стадион на екипата Лас Вегас Рајдерс, кој е со капацитет од 65.000 места за седење. Организаторите веруваат дека во време кога владее пандемија на коронавирусот, на стадионот би можеле да сместат помеѓу 10.000-15.000 луѓе.
– Работиме на сите фронтови, со осигурувањето, вирусот и со другите придружни работи. Разговараме со сите во градот, па и со рајдерсите. Поради тоа и сме оптимистички расположени дека настанот можеме да го организираме во Лас Вегас – рече за ЕСПН, промоторот Боб Арун.
Организаторите на мечот, сепак, мора да добијат согласност од локалните и од државните власти за вакво нешто. Фјури и Вајлдер првпат се бореа во рингот во 2018 година, кога мечот заврши без победник, додека во февруари годинава Фјури со технички нокаут во седмата рунда го совлада својот ривал. Со таа победа Фјури ја презеде титулата светски првак во верзијата ВБЦ. Г.И.


ТЕНИС – АТП-ЛИСТА
Ѓоковиќ сега е на 24 недели до достигнувањето на Федерер

Србинот Новак Ѓоковиќ од денеска ќе биде точно 286 недели број еден тенисер на ранг-листата на Асоцијацијата на тениски професионалци (АТП), со што ќе се израмни со Американецот Пит Сампрас на второто место на оваа листа. Засега на првото место е Швајцарецот Роже Федерер со 310 недели на врвот на светската тениска листа.
Неделава Ѓоковиќ треба да игра на мастерс-турнирот од серијата 1.000 во Рим, од второто коло. На овој турнир тој лани играше во финалето, а претходно освои четири трофеи (во 2008 година победа во финалето со Станислас Вавринка, потоа во 2011 и во 2014 година победи над Рафаел Надал и во 2015 година оствари победа над Федерер).


Ф1-тимовите предупредени
да не го поткопуваат буџетското ограничување со резерви

Тимовите во Формула 1 се предупредени од Интернационалната автомобилска федерација (ФИА) да не го поткопуваат ограничувањето на буџетот, кое треба да се воведе во 2021 година, со складирање делови годинава за идна употреба, изјави во саботата шефот на Мекларен, Зак Браун, пренесе „Ројтерс“. Американецот пред новинарите изјави дека ФИА испратила допис до 10-те тима на оваа тема.
– ФИА одредува што можете и што не можете да сторите. Бидејќи автомобилот од следната година ќе има многу преносни делови, имало разговори дека луѓе складираат годинава, без ограничување на буџетот, за следната година, за да се овозможи да ги потрошат парите од следната година повеќе на 2022 година – вели тој.
Браун рече дека не е запознаен со ниту еден тим што имал резерви. Тој рече дека пораката од ФИА во суштина е „не трчај премногу брзо затоа што може да откриеш дека ќе промениме нешто“, пишува „Ројтерс“.
Екипите следната година ќе мора да работат во рамките на буџетското ограничување од 145 милиони долари, намалено на 140 милиони долари за 2022 година и 135 милиони долари за 2023-2025 година. Поради пандемијата на коронавирусот, новите регулативи се одложени од 2021 година до 2022 година, што значи дека автомобилите од следната година се суштински исти како во 2020 година, пишува „Ројтерс“.


ФОРМУЛА 1
На Хамилтон 59 илјадити делови од секундата му донесоа зголемен рекорд

Британецот Луис Хамилтон ги зголеми убедливото водство и светскиот рекорд на 95 т.н. пол-позиции (трки што ги почнувал од првата позиција), откако беше најбрз пред вчерашната трка во Формула 1 за големата награда на Тоскана во Италија. Тој беше побрз од Валтери Ботас само за 59 илјадити делови од секундата.
Хамилтон сега има 95 пол-позиции од 259 трки и е на пет вакви пласмани за да стане првиот со 100 пол-позиции во Формула 1. На второто место на оваа листа е Михаел Шумахер од Германија со 68 пол-позиции од 308 трки, а потоа следуваат Аиртон Сена од Бразил со 65/162, Себастијан Фетел од Германија со 57/250, Џим Кларк од Велика Британија со 33/73 итн.
Вкупно досега од првата позиција една трка ја почнале околу 100 возачи, најмногу од Велика Британија, 17. Хамилтон досега во осум сезони имал најмногу пол-позиции (сезонава води со седум од девет трки), по шест имале Шумахер, Сена и Аргентинецот Хуан Мануел Фанџо итн.