КОШАРКА – НБА, ПЛЕЈОФ
ЛА лејкерс е на чекор до финалето на Западот

Кошаркарите на Лос Анџелес лејкерс ги дели една победа од пласман во финалето на Западната конференција од годинашниот плејофот во НБА-лигата, откако во четвртиот дуел го совладаа Хјустон, со 110-100. Во вториот дуел во таа конференција, Лос Анџелес клиперс води против Денвер со 3-1 во победи (се игра до четири триумфа).
ЛА лејкерс најголемата предност од 23 поени ја имаше во второто полувреме. Ентони Дејвис беше најефикасен со 29 поени, 12 скока и пет асистенции, а Леброн Џејмс оствари 16 поени, 15 скока и девет асистенции. Кај Хјустон предничеше Расел Вестбрук, со 25 коша. Следниот меч помеѓу ЛА лејкерс и Хјустон се игра утре, од два часот по полноќ. Утрово, пак, требаше да играат ЛА клиперс и Денвер, како и решавачкиот меч за вториот финалист во Источната конференција, Торонто – Бостон (3-3). Г.И.


КОШАРКА
Повторно одложен почетокот на новата сезона во НБА

Новата сезона во кошаркарската НБА-лига нема да почне пред Божиќ, информирал одборот на Лигата. Според претходните планови, новата сезона требаше да почне на 1 декември, но според новонастанатите состојби, планови и распореди, тоа нема да може да се случи тогаш. НБА, исто така, ќе го помести и т.н. драфт (избор на играчи) за 2020 година. Првично драфтот, кој беше предвиден за јуни, поради пандемијата на коронавирусот беше поместен на 16 октомври, а сега новиот датум е 18 ноември. НБА-лигата во моментов, во спортскиот комплекс во близината на Орландо, ја доигрува сезоната 2019/2020, која беше прекината поради пандемијата. Та.Д.


ФУДБАЛ – АНГЛИЈА
Биелса ќе го води Лидс и во Премиер-лигата

Менаџерот на Лидс, Марсело Биелса (65), потврди дека ќе остане во клубот за нивната прва сезона откако се врати во англиската фудбалска Премиер-лига, која почнува денеска. Неговиот договор истече на крајот на минатата сезона, откако го предводеше Лидс до шампионската титула во дивизијата Чемпионшип. Биелса склучи двегодишен договор во јуни 2018 година, со опција и за трета година во Лидс, пишува „Би-би-си“.
– Сѐ е средено и дефинитивно ќе бидам тука следната сезона – рекол Биелса.
Кога пред две години Аргентинецот се приклучи на клубот рече дека шансата да го води Лидс „е невозможно да се одбие“ и дека отсекогаш имал „амбиција да работи во Англија“, пишува „Би-би-си“. Лидс ја пропушти промоцијата во Премиер-лигата уште минатата година по поразот од Дерби во полуфиналето на плејофот, но минатата сезона заврши на врвот, со 10 бода предност пред ВБА.
Лидс, за кој настапува и македонскиот репрезентативец Езгјан Алиоски, денеска во првото коло му гостува на првакот Ливерпул. Г.И.


ТЕНИС
АТП додаде четири турнири во календарот за 2020 година

Асоцијацијата на професионални тенисери (АТП) објави дека во натпреварувачкиот календар за 2020 година се додадени уште четири турнири АТП-250 во октомври (два во Германија, по еден во Италија и во Казахстан), за да им се овозможи на тенисерите дополнителна можност да добијат награди на турнирите и да освојат поени за ранг-листите.
– Додавањето нови турнири во календарот е позитивен чекор, со оглед на многуте предизвици со кои се соочува нашиот спорт годинава. Нашата цел е да создадеме дополнителни можности за играчите и забава за гледачите на безбеден начин – изјави потпретседателот на АТП, Андреа Гауденѕи. Та.Д.


Денеска Септемвриски коњички турнир во Скопје

Федерацијата за коњички спортови на Македонија и коњичкиот клуб Процес од Скопје, според планот на натпреварувања, денеска, со почеток во 9 часот, на теренот на клубот во Маџари, што се наоѓа веднаш до полициската станица за дресура на службени кучиња, ќе ги одржи Септемврискиот коњички турнир и второто коло од Отвореното првенство на Македонија во прескокнување пречки за 2020 година. На програмата се четири натпревари во прескокнување пречки во класите А, Б, Ц и Д, со височина на пречките од 85 см до 1,15 м. Г.И.