Tур де Франс за велосипедистки од 2022 година?

Кристијан Прудом, директорот на легендарната велосипедска трка Тур де Франс, за АФП изјави дека е можно од 2022 година да има и професионална трка за жени. Ваквиот предлог доаѓа откако Интернационалната велосипедска унија (УЦИ) објави дека Спортската организација Амаури (АСО) се согласила да биде организатор на првата женска трка Париз – Рубе, како дел од ревидираниот календар за велосипедистки по ковид-19.
– Сакаме чекор по чекор да го прошириме бројот на трки за жени. УЦИ јасно го испланира патот и ќе мора да продолжиме да се приспособуваме – рече Прудом за АФП. 

Премиер-лигата ќе емитува бесплатни мечеви?

Клубовите во Премиер-лигата ги почнаа дискусиите околу термините за почетокот на фудбалските натпревари, доколку продолжи сезоната. „Проектот рестартирање“ содржи продолжување на шампионатот во јуни и завршување на крајот на јули, за да се вклопи во плановите на Европската фудбалска унија (УЕФА).
Премиер-лигата разговара со ТВ-компаниите, Владата и со клубовите за бесплатен пренос на некои од натпреварите што ќе се играат зад затворени врати. Од 92 натпревари што треба да се доиграат сезонава, 47 ќе бидат достапни на Скај или на БT, но се дискутира со партнерите за бесплатно емитување на преостанатите 45 натпревари. Тоа значи дека натпреварите би се пренесувале на каналот на Премиер-лигата или на јутјуб-каналот на ТВ-операторот.
Промената на времето на почнување на мечевите, исто така, беше дискутирана на состанокот на акционерите. Во почетокот од април УЕФА ја укина забраната за пренос во живо на мечевите што почнуваат во 15 часот во саботите во Англија и во Шкотска по барање на Фудбалската асоцијација (ФА) и на Шкотската фудбалска асоцијација. 

Менаџерите во Англија ќе работат со помали состави?

Менаџерите во Премиер-лигата очекуваат да работат со помала бројка фудбалери и со помал стручен персонал во иднина. Намалувањето на работната сила во клубовите изгледа како неизбежна последица на пандемијата на коронавирусот, пишува британскиот „Телеграф“.
Арсен Венгер и Роберто Мартинез разговараа за влијанието на ковид-19, кога се сретнаа виртуелно со актуелните менаџери на врвните тимови, минатата недела, како дел од форумот за елитни тренери „Лидерс“. Завршувањето на сезоната на стадиони со ограничена, минимална бројка вклучени лица околу екипите се очекува да покаже дека во клубовите постои превработеност, пишува „Телеграф“
Тимовите, исто така, би можело да се намалат, со тоа што некои менаџери веќе претпочитаат да работат со помалку од 25 играчи за да ја зголемат конкуренцијата на места меѓу првите 11 и да ги задржат играчите среќни. Кога Жозе Мурињо пристигна во Англија, пред петнаесетина години, рече дека идеална големина на составот на тимот за него се 20 играчи и тројца голмани.