Раониќ по осум порази за шест години го победи Мареј

Првиот фаворит на тенискиот мастерс-турнир Синсинати, кој се игра во Њујорк, Новак Ѓоковиќ без многу напор го совлада Американецот Тенис Сандгрен со 6-2, 6-4 обезбедувајќи место во синоќешното четврт-финале во кое за противник го имаше Германецот Јан-Ленард Штруф. Тоа беше 23-та победа во низа за светскиот тенисер број еден. Милош Раониќ ја прекина низата од осум порази од Енди Мареј елиминирајќи го со 6-2, 6-2. Ова беше прва победа на Раониќ над Мареј по пауза од шест години. Изненадување во женскиот дел на турнирот приреди Марија Сакари, која со 5-7, 7-6 и 6-1 ја елиминира поранешната светска тенисерка број еден, Американката Серена Вилијамс. Та.Д.


Германија ќе игра без фудбалери на Баерн и на Лајпциг

Фудбалската репрезентација на Германија ќе ги почне натпреварите во второто издание на Лигата на нациите во септември без поголемиот дел од интернационалците на Баерн и на Лајпциг, кои својата сезона ја завршија пред неколку дена со настапот на турнирот во Лигата на шампионите, пишува „Ројтерс“. Селекторот Јоаким Лев изјави дека нарушената сезона значи дека ќе има промени во составот за натпреварите против Шпанија на 3 септември и со Швајцарија три дена подоцна.
Германија ќе игра без Џошуа Кимик, Леон Горецка, Мануел Ноер и без Серж Гнабри од Баерн, како и без Лукас Клостерман и Марсел Халстенберг од Лајпциг. Лев, сепак, ќе ги има централниот дефанзивец на Баерн, Никлас Суле, кој неодамна се врати по повредата, како и Џулијан Дракслер и Тило Керер од Пари сен Жермен. Тој повика и тројца нови играчи, левиот бек на Аталанта, Робин Госенс, играчот од средниот ред на Борусија Менхенгладбах, Флоријан Нојхаус и голманот на Хофенхајм, Оливер Бауман, во својот состав од 22 члена.


Формула 1 сезонава ќе има 17 трки

Трката за големата награда на Турција е во календарот во Формула 1 првпат по 2011 година и е предвидено да се вози на 15 ноември, а според организаторите на „најбрзиот циркус во светот“, во календарот за сезонава се додадени и уште три трки, две во Бахреин и една во Абу Даби.
– Можеме да потврдиме дека трките во Турција, Бахреин и во Абу Даби и официјално се вклучени во календарот за сезонава. Сакаме да им се заблагодариме на сите што овозможија да се возат 17 трки сезонава – велат од Формула 1.
Првата трка во Бахреин на распоредот е на 29 ноември, а втората е предвидена за 6 декември. Со трката во Абу Даби на 13 декември треба да заврши сезоната во Формула 1. По шест трки сезонава води Луис Хамилтон со 132 бода, пред Макс Ферстапен со 95, Валтери Ботас со 89 итн. Седмата трка во Формула 1 е предвидена за в недела, за големата награда на Белгија. Та.Д.


Реал првпат е младински европски првак, нова титула за Раул

Младите фудбалери на Реал Мадрид ја освоија јуниорската Лига на шампионите, победувајќи ја во финалето Бенфика со 3-2. Ова е прва титула на јуниорскиот состав на Реал Мадрид, кој до својот прв трофеј стигна под тренерската палка на легендарниот напаѓач на мадридскиот клуб, Раул Гонзалес, кој сега има европска титула како фудбалер (1998, 2000 и 2002 година) на сениорскиот тим и како тренер на младинската екипа.
Досега Барселона и Челси по двапати ја имаат освоено јуниорската Лига на шампионите, а Реал влезе во друштво на Салцбург и на Порто, кои имаат по една титула. За Реал ова беше прво финале, а за Бенфика трето.
До победата за првата титула Реал Мадрид стигна преку головите на Пабло Родригез (26. минута) и автоголот на Енрике Жосу (45. минута). На 2-1 намали Гонзало Рамос во 49. минута, а само една минута подоцна Рамон Гутиерез зголеми на 3-1. Младите фудбалери на Бенфика не се откажа, па во 58. минута Рамос намали на 3-2, а во 68. минута Тијаго Дантас не искористи пенал за изедначување. Та.Д.

ДОСЕГАШНИ ПРВАЦИ
Челси 2
Барселона 2
Салцбург 1
Порто 1
Реал Мадрид 1