За наградите во НБА ќе се сметаат само мечевите до 11 март

Кошаркарската НБА-лига неодамна ги известуваше клубовите дека годишните награди, вклучувајќи ги таа за најкорисен играч (МВП), дебитант на годината и тренер на годината, ќе се засноваат на натпреварите одиграни до 11 март, пред прекинот на сезоната поради пандемијата на коронавирусот. За статистичките титули, за поени, скокови, асистенции, украдени топки…, сепак ќе се сметаат и преостанатите осум меча од регуларниот дел од сезоната, пред плејофот. Сезоната треба да продолжи на 30 јули, во Орландо, без публика.


Одложени Суперглоуб и кадетското СП во ракомет

Пандемијата на коронавирусот им застана на патот и на годинашните изданија на неофицијалното ракометно Светско клупско првенство, Суперглоуб. За да се избегнат многубројните откажувања поради неможноста за патувања и опасноста од ширење на вирусот, Советот на Светската ракометна федерација (ИХФ) ги одложи натпреварувањата и во машка и во женска конкуренција, засега без алтернативен датум. На состанокот е одложено и СП за кадетки, кое требаше да се одржи од 29 септември до 11 октомври во Хрватска. Та.Д.


Томас Бах одново ќе се кандидира за претседател на ИОК

Актуелниот претседател на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК), Германецот Томас Бах, на видеоконференцијата на ИОК најави дека ќе се кандидира за нов мандат на чело на таа организација. Бах, олимписки првак во мечување од 1976 година и светски шампион од 1977 година, е деветтиот претседател на ИОК, прв што претходно освоил олимписки медали, а на функцијата е од 2013 година, кога го наследи Белгиецот Жак Рог. Нeговиот осумгодишен мандат истекува во 2021 година.


Џејдон Санчо е најдобриот „предасистент“ во Бундес-лигата

Џејдон Санчо (Борусија Д.) е прв на листата со фудбалери што имале најмногу т.н. претпоследни додавања во акциите по кои бил постигнат гол сезонава во германската Бундес-лига, пишува спортскиот дневен весник „Кикер“. Тој имал 11 „предасистенции“, по кои следувале асистенции и погодоци. Зад него се Џулијан Бранд (Борусија Д.) со 10, Ридле Баку (Мајнц), Тиаго (Баерн) и Ларс Стиндл (Борусија М.) со по осум итн. Санчо и со 16-те асистенции и 17-те гола учествувал во 44 од 84-те гола на Борусија сезонава.


На онлајн Шаховската олимпијада ќе играат 163 селекции

Вкупно 163 репрезентации, меѓу нив и Македонија, ќе играат на првата онлајн Шаховска олимпијада (ШО), објави Светската шаховска федерација (ФИДЕ) на својата интернет-страница. Репрезентациите ќе бидат составени од по три шахисти и шахистки, со тоа што по еден шахист и шахистка мора да бидат родени во 2000 година или да бидат помлади. Секоја селекција може да има и шест резерви. ШО ќе се игра од среда до 30 август, во секоја партија ќе има 15 минути време за размислување (и пет секунди по секој потег).


Младинските олимписки игри се одложени за 2026 година

Младинските олимписки игри во Дакар од 2022 година се одложени за четири години, како последица од пандемијата на коронавирусот. Претседателот на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК), Томас Бах, изјави дека за таквата одлука во телефонски разговор се консултирал со претседателот на Сенегал, Маки Сал. Летните олимписки игри во Токио од годинава се одложени за следната година, а Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Пекинг треба да се одржат во февруари 2022 година. Л.Д.