КОЊИЧКИ СПОРТ
Трет „Мајски турнир“ во прескокнување пречки

На теренот на скопскиот коњички клуб Вивакс, денеска, со почеток во 9.30 часот, во Волково, ќе се одржат третиот „Мајски турнир“ и второто коло од Отвореното првенство на Македонија во прескокнување пречки со коњи за 2022 година. На програмата се пет натпревари во прескокнување пречки, во класите А, Б, Ц, Д и дебитанти, со височина на пречките од 0,6 до 1,15 метар. Г.И.


КОШАРКА – НБА, ПЛЕЈОФ
Голден стејт пак е финалист, Дончиќ оствари просек како Џордан

Кошаркарите на Голден стејт се првите финалисти во НБА-лигата за 2022 година, откако дома го совладаа Далас со 120-110, во петтиот меч на финалето на Западната конференција, и победија вкупно со 4-1 во победи. За титулата, Голден стејт ќе игра со победникот на финалето на Истокот (Бостон води со 3-2 против Мајами, утринава се играше шестиот меч). Ова е шесто финале за Голден стејт во претходните осум години. Словенецот Лука Дончиќ од Далас во досегашните настапи во плејофот има просек од 31,7 поен, 9,8 скока и 6,4 асистенции, со што стана вториот кошаркар по легендарниот Мајкл Џордан со просек во три плејофа во низа со барем 30 поени и по пет скока и асистенции. Џордан имаше ваква серија во пет плејофи во низа (1989-1993). Г.И.