КОШАРКА – НБА

Адетокумпо собори рекорд стар 60 години

Кошаркарот на Милвоки, Јанис Адетокумпо, стана сопственик на највисокиот ПЕР-коефициент од 32,2 (ефикасност на играчите, статистичка продуктивност по одиграна минута) во историјата на НБА. На второто место сега е Вилт Чембрлен од сезоната 1961/62 со 32,1, а трет е Никола Јокиќ со 32. Адетокумбо го оствари овој рекорд по драматичната победа во финишот над Мајами со 120-119. Тој мечот го заврши со 28 поени и 17 скока, а Крис Мидлтон додаде 26. Кај Мајами Тајлер Хиро се истакна со 30 поени, седум скока и пет асистенции. Мајами е прв во Источната конференција со 41 победа и 22 порази, а Милвоки е три позиции подолу и има 38 победи и 25 порази. Втор е Чикаго (62-39), трета е Филаделфија (61-23)… Г.И.


ФУДБАЛ
Ќе се продава Челси

Сопственикот на Челси, Роман Абрамович, објави дека планира да го продаде англискиот фудбалски клуб Челси.
– Отсекогаш сум носел одлуки во најдобар интерес на клубот. Во сегашната ситуација решив да го продадам клубот, бидејќи верувам дека тоа е најдобро за клубот, навивачите, вработените, како и за спонзорите и за партнерите на клубот. Продажбата на клубот нема да се одвива брзо, туку ќе следува соодветна процедура. Нема да барам отплата на заемите. Ова за мене никогаш не беше за бизнис или за пари, туку беше чиста страст за играта и за клубот. Му наложив на мојот тим да основа добротворна фондација каде што ќе се донираат сите нето-приходи од продажбата. Фондацијата ќе биде во корист на сите жртви на војната во Украина – вели, меѓу другото, Абрамович во соопштението до јавноста. Л.Д.


Почна продажбата на билети за
СП 2023

На пет месеци до ждрепката за 28-то Светско првенство (СП) за ракометари во Полска и во Шведска, билетите за натпреварите во Полска ќе бидат пуштени во продажба од 18 март, објави Интернационалната ракометна федерација на својата интернет-страница. Влезниците за мечевите во Шведска се веќе пуштени во продажба (официјалната интернет-страница на натпреварувањето, handball23.com). Во првиот дел ќе има осум групи, со по четири селекции. Две групи се во Полска, во Катовице и во Краков, а преостанатите во Шведска, во Гетеборг, Јонкопинг, Кристијанштад и во Малме. Домаќините имаа право да изберат каде ќе играат во групната фаза, Полска го избра Катовице (група А), а Шведска го избра Гетеборг (група Ц). Секоја земја-домаќин може да додели тим во град-домаќин, па Норвешка ќе игра во групата Ф во Краков, Шпанија во групата Б, исто така, во Краков, а Данска во групата Х, во Малме. Катовице, Краков, Гетеборг и Малме ќе бидат домаќини и на групите од главната рунда. Во Гдањск треба да се играат две четврт-финалиња и едно полуфинале, а другите две четврт-финалиња, едно полуфинале и мечевите за медали во Стокхолм. Извлекувањето на групите е во Катовице, на 2 јули.