БФМ ГИ ПРОГЛАСИ НАЈДОБРИТЕ ЗА 2021 ГОДИНА

Лама боксер на годината

Боксерската федерација на Македонија (БФМ) викендов ги прогласи најдобрите боксери за 2021 година. Македонскиот репрезентативец Јасин Лама, освојувачот на бронзен медал на Балканското првенство и на злато на „Златниот гонг“ во 2021 година, кој настапи и на Светско првенство (СП), каде што оствари една победа, е избран за најдобар боксер во сениорска конкуренција за минатата година. За најдобар боксер во младинска категорија е прогласен Ардијан Аземи, кој настапи на Европското првенство (ЕП) и на СП за младинци. Петре Неделковски е најдобар судија за лани. Тој ја делеше правдата на повеќе АИБА-турнири, Регионалната боксерска лига, Балканското првенство и други турнири. Најдобрите во своите категории добија заслужни признанија и пехари. Г.И.


ФОРМУЛА 1

Хамилтон: Се враќам

Британскиот возач Луис Хамилтон ја прекина тишината и конечно го направи тоа што го очекуваа љубителите на Формула 1, а посебно неговите навивачи. Хамилтон остана без осмата титула во Формула 1 во последниот круг од трката во Абу Даби. Потоа, два месеца го немаше на социјалните мрежи, што многумина го протолкуваа дека можеби помислил да ја заврши кариерата, пишува меѓу другото „Би-би-си“. Сепак Хамилтон се огласи и на своите обожаватели им испрати порака на Твитер со зборовите: „Се враќам“. Набрзо потоа се јави и неговиот тим Мерцедес и објави дека Хамилтон ги почнал подгoтовките за новата натпреварувачка сезона. Првата трка од новата сезона е на 20 март во Бахреин. Г.И.


ТЕНИС
Дел Потро ќе се пензионира по турнирот во Аргентина?

Аргентинскиот тенисер Хуан Мартин дел Потро (33) изјави дека најверојатно ќе се пензионира поради повреда на коленото. Тој рече дека Отвореното првенство на Аргентина, кое почнува денеска, може да биде негово последно, но и дека има вајлд-карта за настап на Отвореното првенство во Рио, подоцна месецов, пишува Би-би-си.
– Мислам дека ова е една од најтешките пораки што некогаш ќе ги пренесам. Знам дека луѓето очекуваат да се вратам на тенисот, но ова можеби е повеќе збогување отколку враќање. Имам сила да одам напред, но коленото ми станува кошмар. Пробувам алтернативни третмани веќе неколку години и се обидувам да го поправам, но уште не најдов решение. Никогаш не замислував да се повлечам од тенисот без да имам шанса да се збогувам, а не можам да замислам подобар турнир за да го направам тоа од овој, во Буенос Аирес – вели тој.
Поранешниот светски рекет број три, сега е 757-ти на АТП-листата. Дел Потро, кој има и сребрени медали од Летните олимписки игри (ЛОИ) во Рио во 2016 година и во Лондон во 2012 година, последен пат играше во јуни 2019 година и оттогаш направи четири операции на коленото. Г.И.