ФУДБАЛ
Хоџсон е 15-от менаџер на Вотфорд за 10 години

Англискиот фудбалски премиерлигаш Вотфорд го назначи Рој Хоџсон за нов менаџер, на местото на Клаудио Раниери. Вотфорд, кој моментно е претпоследен, 19-ти на табелата, од 2012-та смени дури 15 менаџери. За Хоџсон, кој на 74 години беше најстариот менаџер во историјата на Премиер-лигата во времето кога го предводеше Кристал палас, од 2017 до 2021 година, ова ќе биде осма ваква функција во англискиот фудбал. Досега, во 47-годишната тренерска кариера, тој работел со 17 клуба во осум земји и со четири репрезентации. Со англиските клубови, меѓу кои се Блекбурн, Фулам, Ливерпул, ВБА…, тој на 521 меч има 198 победи, 131 реми и 192 пораза. Л.Д.


ФУДБАЛ
Ериксен почна да тренира со Ајакс

Данецот Кристијан Ериксен закрепнува од срцевиот удар што го преживеа лани на фудбалското Европското првенство (ЕП), на натпреварот со Финска, во јуни, и почна да тренира со резервите на поранешниот клуб Ајакс. На Ериксен (29), кого го поврзуваат со враќање во англиската Премиер-лига, му е вграден кардиовертер дефибрилатор (ИЦД). Тој го напушти Интер откако правилата во Италија го спречија да игра и да тренира со ИЦД.
– Многу сум среќен што сум тука. Во Ајакс ги познавам луѓето, се чувствувам како да се враќам дома, бидејќи тука престојував подолго време. Сите капацитети ми се достапни, можам да тренирам на високо ниво, во група што е совршена основа за мене во моментов. Сакам што е можно поскоро да бидам на најдобро можно ниво, да најдам нов клуб и да се претставам во најдобра светлина – изјави Ериксен за клупската интернет-страница. Л.Д.


АЛПСКО СКИЈАЊЕ
Џонсон ги пропушта ЗОИ

Американката Бризи Џонсон (26), една од најдобрите скијачки во спуст на светот, ќе ги пропушти Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Пекинг, откако го повреди десното колено на тренинг минатиот петок. Во претходните две сезони Џонсон, заедно со Микаела Шифрин, е најдобрата скијачка на САД. Сезонава таа беше втора на првите три спуста во Светскиот куп, зад олимписката шампионка од 2018-та, Италијанката Софија Гоџа, која ја повреди левата нога при падот на супервелеслаломот во Кортина д’Ампецо минатата недела. Гоџа е во фаза на рехабилитација, но планира да настапи на олимпискиот спуст, на 15 февруари. Било планирано Гоџа да го носи италијанското знаме на отворањето на Игрите, на 4 февруари, но поради потребното време за закрепнување, Олимпискиот комитет на Италија реши знамето да го носи Микела Мојоли (26), златната олимпијка во сноуборд-крос од ЗОИ 2018. Л.Д.