Мурињо петти менаџер со 200  победи, Фергусон остана рекордер

Тотенхем го совлада Евертон со 1-0, со што Португалецот Жозе Мурињо (57) ја прокнижи 200. победа како менаџер во англиската фудбалска Премиер-лига. Тој во кариерата досега предводеше три англиски тима, и тоа Челси во два наврата (освои три титули), забележувајќи 140 победи, потоа Манчестер јунајтед, каде што има 50 победи, и Тотенхем, со 10 победи.
Мурињо е петтиот менаџер во историјата на Премиер-лигата што може да се пофали со вакво остварување (200 победи), по Алекс Фергусон, Арсен Венгер, Хари Реднап и Дејвид Мојес. Но само на Фергусон му успеало да стигне побрзо до 200-та победа од Мурињо. Фергусон тоа го направи по 322 меча, а Мурињо по 326 натпревари.
– Малкумина менаџери работеле во три од најдобрите фудбалски клубови во земјата и во светот. Имав среќа да работам во нив, а кога сте во еден од тие големи клубови, полесно е да ги забележите овие резултати – изјави Мурињо по натпреварот. Л.Д.


Одлуката за градовите-домаќини на СП 2026 ќе почека

Донесувањето одлука за тоа кои 10 града во САД ќе бидат домаќини на мечевите на Светското првенство (СП) во 2026 година, што заеднички ќе го организираат САД, Канада и Мексико, е одложено поради пандемијата на ковид-19, соопшти Светската фудбалска федерација (ФИФА), пренесува „Ројтерс“. Главниот човек на ФИФА задолжен за турнири, Колин Смит, рече дека првично се надевале оти ќе ги одредат градовите и стадионите до пролетта во 2021 година. Но таквата временска рамка се базирала врз почнување на процесот во март годинава и на две инспекциски посети до крајот на годинава.
– Очигледно моравме да го одложиме сето тоа. Уште не е јасно кога ќе можеме да дојдеме и да ги спроведеме инспекциите – изјави Смит, пред почетокот на виртуелната работилница со 17-те града-кандидати.
Градови-кандидати од САД се Атланта, Балтимор, Бостон, Синсинати, Далас, Денвер, Хјустон, Канзас Сити, Лос Анџелес, Мајами, Нешвил, Њујорк/Њу Џерси, Орландо, Филаделфија, Сан Франциско, Сиетл и Вашингтон. ФИФА треба да избере 16 од 23-те града од кои 10 од САД и по три од Канада (Торонто, Едмонтон и Монтреал) и од Мексико (Мексико Сити, Гвадалахара и Монтереј). Одлуката ќе биде донесена врз основа на неколку критериуми, како што се локацијата, временските зони и временските услови итн. Л.Д.


БИБЛ планира нов систем на натпревари и унапредени финансиски услови

Македонската кошаркарска федерација (КФМ) е писмено известена од раководството на Балканската лига (БИБЛ), за новото издание на лигата во сезоната 2020/2021. Во предлог-понудата до КФМ стои дека менаџментот на лигата планира нов натпреварувачки систем и унапредени финансиски услови за клубовите, пишува на интернет-страницата на КФМ.
– Планирано е во наредната сезона да има по два клуба од Македонија, Црна Гора, Албанија, Бугарија, Косово или од уште некоја балканска држава. Поради лошата финансиска ситуација кај најголем дел од клубовите од балканските простори, предизвикана од пандемијата на коронавирусот, од БИБЛ подготвиле и промени во системот за натпреварување. Во зависност од бројот на пријавените екипи, планирано е лигашко натпреварување со осум или 10 клуба со многу намалени трошоци за време на натпреварувањето. Регистрациите за настап во ова натпреварување, кое ќе се одвива во периодот од октомври 2020 до април 2021 година, ќе бидат испратени во текот на овој месец – пишува на интернет-страницата на КФМ. Г.И.