ФУДБАЛ
Роналдо прв со над 800 гола на највисоко ниво

Кристијано Роналдо: 1.097 натпревари, 801 гол. Португалецот Роналдо (36), напаѓачот на Манчестер јунајтед, стана првиот фудбалер што постигнал над 800 гола во кариерата на највисоко ниво во сите конкуренции, во победата над Арсенал од 3-2, одигран во Премиер-лигата.
Со двата гола против „топчиите“, Роналдо стигна до бројката од 130 гола во два периода во дресот на Јунајтед, претходно даде пет гола за Спортинг Лисабон, 450 за Реал Мадрид (клупски рекорд), 101 за Јувентус и 115 за репрезентацијата на Португалија, на 184 натпревари. Тој со 140-те гола е и најдобар стрелец на сите времиња во Лигата на шампионите (ЛШ), во која триумфирал пет пати.
Роналдо има постигнато повеќе од 20 гола против пет екипи, сите шпански. На Севилја ѝ има дадено најмногу (27), на Атлетико (25), Хетафе (23) и на Барселона и на Селта (по 20). Тој има дадено двоцифрен број голови против 19 екипи.
Нашите умови веќе се насочени кон следниот натпревар, нема време за славење! Победата над Арсенал беше многу важна за да се вратиме на вистинскиот пат, но има уште долг пат до нашата дестинација. Честитки до сите мои соиграчи. И многу посебна благодарност до нашите навивачи, не можевме да го направиме ова без вас – напиша Роналдо на својот инстаграм-профил.
Не постои прецизна база на податоци за да се утврди најдобриот стрелец на сите времиња во фудбалот, но Роналдо секако е на врвот на листите за постигнати голови на официјални натпревари на највисоко ниво.
Чешкиот фудбалски сојуз соопшти дека Јозеф Бичан, кој има играно за Чехословачка и за Австрија, постигнал 821 гол на официјалните натпревари (некаде таа бројка е 805 н.з.). Легендите на Бразил, Пеле и Ромарио тврдат дека постигнале повеќе од 1.000 гола, но ако се изземат пријателските дуели и тие бројки се намалуваат до 700 гола. Според неофицијалната статистичарска организација што собира податоци за фудбалот (РСССФ), Пеле има дадено 769, а Ромарио и Ференц Пушкаш по 761 гол. Натаму на таа листа е Лионел Меси, со 756 гола за Аргентина (80), Барселона (672) и за ПСЖ (четири). Л.Д


ФУДБАЛ
Атлетико Минеиро првак на Бразил по пауза од 50 години

Атлетико Минеиро ја освои првата титула шампион на Бразил по пауза од 50 години, со победата над Баија од 3-2, иако беше во негатива од 0-2 по 66 минути игра. Атлетико има 81 бод по 36 натпревари и на две кола до крајот на првенството е недостижен за второпласираниот Фламенго, кој има 70 бода од 35 меча.
Тоа е само втора шампионска титула во клупската историја на тимот од Бело Хоризонте (првата во 1971), што беше причина за голема радост на градските улици.
Ова беше и незаборавна година за тренерот Кука, кој во март по вторпат го презеде клубот, откако претходно го предводеше Атлетико до титулата во Копа либертадорес во 2013 година.
Ветеранот Хулк (35) постигна 33 гола за Атлетико во сите натпреварувања откако дојде во јануари од кинескиот клуб Шангај. Л.Д


КОШАРКА – НБА
Мемфис со најубедлива победа во историјата

Кошаркарите на Мемфис на домашен терен ја совладаа Оклахома со дури 152-79 и со тоа ја постигнаа најубедливата победа воопшто во историјата на НБА-лигата. Со овој триумф од 73 поени разлика, Мемфис го собори досегашниот рекорд на Кливленд, кој на 17 декември 1991 година го победи Мајами со 148-80, односно со 68 поени разлика. Оклахома на 1 мај годинава исто така беше високо поразена (95-152) од Индијана.
Од 12-те кошаркари на Мемфис, дури деветмина имаа двоцифрен ефект, а најефикасен на теренот беше Џерен Џексон со 27 коша. Мемфис, кој настапи без повредениот Џа Морант, постави и рекорд во лигата со 62,5 отсто погодени шутеви, наспроти 33-те отсто на Оклахома. Во поразениот тим најефикасен беше Лугенц Дорт, со 15 поени.
Кошаркарите на Феникс, пак, продолжија да победуваат во лигата. Тие го совладаа Детроит на гостински терен со 114-103, што претставува 18-ти триумф во низа.
Г.И.