Фото: Игор Бансколиев

На фудбалското Светско првенство (СП) во 2022 година во Катар директно ќе се пласираат 10-те победници во квалификациските групи од Европа, а прва се пласира Германија Во плејофот, пак, што треба да се игра од 24 до 29 март в година, ќе разигруваат 10-те второпласирани селекции во групите, на кои ќе им се придружат две селекции победници во групите во Лигата на нации (ЛН) 2020/21, кои нема директно да се квалификуваат за СП, ниту, пак, се во плејофот како второпласирани. Овие 12 репрезентации ќе разигруваат за трите преостанати места за европските земји на СП.
Репрезентацијата на Германија никогаш не загубила на гости во квалификациите за СП, а загуби само еднаш на претходните 40 квалификациски натпревари за СП, од Македонија, со 1-2, во март годинава. Германците победија на 22 од минатите 23 квалификациски меча. Во продолжение некои други бројки на германската репрезентација, објавени на интернет-страницата на Светската фудбалска федерација (ФИФА):
– На 101 натпревар, Германија претрпе само три пораза, сите дома, во 1985 година од Португалија (0-1), во 2001 година од Англија (1-5) и во март годинава од Македонија (1-2).
– Германија постигна 313 гола на 101 меч, во просек над три по натпревар.
– Серж Гнабри постигна осум гола на девет квалификациски натпревари.
– Германија најголемата победа во квалификациите за СП ја забележа во Есен, во мај 1969 година, над Кипар 12-0.
– Карл-Хајнц Румениге постигна најмногу голови за Германија во квалификациите за СП, 13 на 14 средби. И Мирослав Клосе, најдобриот германски стрелец на сите времиња, има 13 гола, но на 19 натпревари. Томас Милер е трет со 10 гола.
– Германија 14-ти пат по ред се квалификува за СП.
– Германија постигнала гол на претходните 39 квалификациски меча за СП, по ремито (0-0) дома со Финска, на 10 јуни 2001 година.  Л.Д.


Хаверц: Нашата цел е да го освоиме Светското првенство

Нашата цел е да го освоиме Светското првенство. Тоа е пристапот што ќе го направиме кога ќе одиме на СП следната година, но има уште многу долг пат пред нас. Има уште многу напорна работа и ќе направиме сѐ што можеме во следните неколку месеци за да бидеме добро подготвени. Работите дефинитивно одат во вистинската насока. Одигравме самоуверено и претходните неколку меча го покажаа квалитетот што го имаме, вели Каи Хаверц за РТЛ, пренесе Европската фудбалска унија на својата интернет-страница.