Вилијан постави необичен рекорд во Премиер-лигата

Бразилецот Вилијан, напаѓачот на Челси, стана првиот фудбалер што постигнал гол во англиската Премиер-лига во сите 12 месеци од годината. Вилијан (31) постигна гол од пенал во првото полувреме на мечот Вест хем – Челси (3-2), во средата, за него 35-ти премиерлигашки во дресот на Челси, прв во јули. Тој минатата недела ја затресе мрежата и на дуелот со Манчестер сити (2-1), на 25 јуни. Вилијан го постигна и 36-от гол, од слободен удар, но и покрај тоа Челси загуби во градската пресметка со Вест хем. Сезоната во Премиер-лигата обично трае од август до мај, но сезоната 2019/2020 продолжи во јуни, по тримесечната пауза поради пандемијата на коронавирусот. 


Обамејанг е меѓу играчите што најбрзо постигнале 50 гола во Англија

Пјер-Емерик Обамејанг на мечот Арсенал – Норич (4-0) стигна до бројката од 50 гола, на 77 натпревари, во англиската Премиер-лига и сега е шести на листата со фудбалери што најбрзо постигнале 50 гола, во историјата на ова натпреварување. Во оваа категорија, најуспешен е Енди Кол, кому во дресот на Њукасл, потоа и на Манчестер јунајтед пред крајот на сезоната 1994/95, му беа доволни само 65 натпревари да стигне до 50 гола.
Алан Ширер, најефикасниот во историјата на Премиер-лигата со 260 гола, во дресот на Блекбурн во шампионската сезона 1994/95 стигна до бројката од 50 гола по 66 меча, откако во претходните две сезони, на 62 натпревари постигна 47 гола. Руд ван Нистелрој постигна 23 гола за Манчестер јунајтед на 32 натпревари во првата 2001/2002, плус 25 на 34 натпревари следната година. Набргу, по 68 меча, дојде до бројката од 50 гола во сезоната 2003/2004, која ја заврши со 20 погодока на 32 натпревари. На двајца напаѓачи на Ливерпул, Фернандо Торес и Мохамед Салах, им беа потребни по 72 меча за постигнување 50 гола во Премиер-лигата. Л.Д.

НАЈБРЗО ДО 50 ГОЛА ВО АНГЛИЈА

ФУДБАЛЕР                 МЕЧЕВИ
Енди Кол                       65
Алан Ширер                  66
Руд ван Нистелрој         68
Фернандо Торес            72
Мохамед Салах             72
Пјер-Емерик Обамејанг 77


ЕХФ изработи нов трофеј за ЛШ

Европската ракометна федерација (ЕХФ) го објави изгледот на новиот трофеј за новата сезона во Лигата на шампионите (ЛШ) за мажи и за жени. Шпанската фирма „Оико дизајн“ од Барселона ќе го изработи новиот трофеј за европските прваци, по добивањето на јавниот тендер меѓу 27 дизајни од 12 земји.
Трофејот тежи 10 килограми и има висина од 80 и ширина од 57 сантиметри. Телото и основата на трофејот се изработени од 30 проценти рециклиран алуминиум.
– Новиот трофеј претставува одраз на динамичното движење на топката и пренесување на идејата дека ракометот е тимски спорт, симболизиран со мрежа во форма на штит. Таа мрежа ја симболизира неопходната врска во рамките на тимот „сите за еден и еден за сите“ – пишува ЕХФ.