Еурофарм Пелистер во група со Татабања, АЕК, Спортинг, Ним и со Кадетен

Ракометниот вицепрвак на Македонија, Еурофарм Пелистер, ќе игра против унгарска Татабања, грчки АЕК, португалски Спортинг, француски Ним и швајцарски Кадетен Шафхаузен, во групата Д во Лига Европа.
Во групата А се Бидасоа Ирун, Винтертур, Татран, Фуксе Берлин, Висла и Тулуз, во групата Б ќе играат Нант, Чеховски медведи, Кокс, Лемго, ГОГ и Бенфика, а во групата Ц се Магдебург, Савехоф, Горење, ПАУК хендбол, Ла Риоха и Нексе.
Пласман во следната фаза обезбедуваат четирите првопласирани екипи од секоја од четирите групи, а во осминафиналето клубовите од групата Д ќе вкрстат со тимовите од групата Ц. Еурофарм Пелистер ќе ја почне групната фаза со меч во Битола против Ним (19 октомври).


Неделава ланските финалисти поразени и во ракометната и во фудбалската ЛШ

Неделава во најсилните натпреварувања во фудбал и во ракомет, Лигата на шампионите (ЛШ), загубија четирите тима што играа во финалињата во минатата сезона, Челси и Манчестер сити во фудбал, односно Барселона и Алборг во ракомет. Ракометарите на Вардар во Скопје му го нанесоа првиот пораз на европскиот вицешампион, Алборг, во годинашнава ЛШ, со 30-28. Унгарски Веспрем во возбудлив финиш го совлада европскиот првак Барселона со 29-28, што, пак, е прв пораз на Барселона по девет месеци во ЛШ.
Како ракометните финалисти така и фудбалските беа поразени во своите мечеви неделава. Европскиот шампион Челси со 0-1 загуби на гости кај Јувентус, а финалистот Манчестер сити на гостувањето кај ПСЖ со 0-2, меч во кој новото засилување Лионел Меси го постигна својот прв гол за парижаните. Сето ова покажува дека сезонава и во двете најквалитетни натпреварувања, ЛШ во ракомет и во фудбал, нема изразити фаворити и докрај ќе биде возбудливо за тоа кој ќе ги освои шампионските трофеи.