Салах го постигна 100-от гол за Ливерпул на 151-от меч во Премиер-лигата. Само Ширер за Блекбурн (124 меча), Кејн за Тотенхем (138) и Агуеро за Манчестер сити (147) постигнаа по 100 гола за еден клуб на помалку натпревари

Салах им се придружи на Ширер, Кејн и на Агуеро

Новиот англиски фудбалски премиерлигаш Брентфорд, кој до пред седум години играше во англиската трета лига, Лига 1, во возбудлив и крајно неизвесен натпревар ремизира со Ливерпул, 3-3.
– Беше тоа волшебен меч. Тие ги заслужија своите три гола со начинот на игра. Очигледно не можевме да се справиме со долгите топки, но требаше да постигнеме повеќе голови. Мислам дека не можевме да ги контролираме многу подобро, создадовме многу чисти шанси, но не можевме да се справиме со нив во дефанзива. Вакви работи се случуваат – изјави Јирген Клоп, менаџерот на Ливерпул.
Ливерпул по шест кола и понатаму е без пораз и е на лидерската позиција со 14 бода, еден повеќе од Челси, Манчестер сити, Евертон и од Манчестер јунајтед. Брентфорд одигра одличен натпревар, успеа да ја надомести негативата од 1-2 и 2-3 и да израмни на 3-3 и да „украде“ малку од вниманието што го заслужи Египќанецот Мохамед Салах, кој продолжува да ги урива рекордите како еден од најдобрите стрелци во историјата на Ливерпул.
Тој го постигна вториот гол за Ливерпул во второто полувреме на мечот, за него 100-ти во Премиер-лигата на 151-от првенствен натпревар за „црвените“, на најмалку настапи од кој било друг играч во пребогатата клупска историја. Само Алан Ширер за Блекбурн (124 натпревари), Хари Кејн за Тотенхем (138) и Серхио Агуеро за Манчестер сити (147) постигнаа по 100 гола во Премиер-лигата за еден клуб на помалку натпревари. Салах е 13-от фудбалер што постигнал 100 гола за Ливерпул, четврти во ерата на Премиер-лигата, по Роби Фаулер, Стивен Џерард и Мајкл Овен. Л.Д.


ФУДБАЛ – ТОМАС ТУХЕЛ, МЕНАЏЕР НА ЧЕЛСИ
Годините нема да влијаат на иднината на Тијаго Силва

Бразилецот Тијаго Силва, центархалфот на Челси, наполни 37 години на 22 септември и е вториот најстар активен фудбалер во англиската Премиер-лига, зад голманот на Вотфорд, Бен Фостер (38 години). Поранешниот дефанзивец на ПСЖ потпиша нов едногодишен договор во јуни, за втора сезона на стадионот „Стамфорд бриџ“, и со добрите игри продолжува да им пркоси на годините. Менаџерот на „сините“, Томас Тухел, верува дека формата е таа што ќе одреди колку долго тој ќе ја продолжи кариерата во клубот од Лондон.
– Тоа е само до него. Не можам да одговорам на тоа прашање во моментов, но се надевам дека тој ќе продолжи да настапува на вака високо ниво. Сакаме врвни фудбалери и врвни перформанси. Кога играте за Челси, треба да испорачувате, а тој го прави тоа. Силва е врвен професионалец, бидејќи во спротивно не би можел да игра на вакво ниво толку многу години. Но возраста тука нема никаква улога – вели Тухел.
Дефанзивната ситуација на Челси моментно е нејасна, бидејќи договорите на Цезар Аспиликуета, Андреас Кристенсен и на Антонио Рудигер им истекуваат на крајот од сезоната. Се шпекулира дека Челси повторно ќе се обиде да го ангажира Французинот Жил Коунде од Севилја, откако во тоа не успеа летото. Производот на клупската академија, Трево Чалобах, се проби во првиот тим на импресивен начин и ја зголеми конкуренцијата. Но Тухел постојано ги фали лидерските квалитети, смиреноста и авторитетот на Силва и не гледа причини нешто од тоа да се смени наскоро.
– Единственото прашање што треба да го поставиме на крајот од сезоната е дали тој уште е на нивото што му треба на Челси за да се натпреваруваме за сѐ, во секое натпреварување. Да или не? Лесно е и ние имаме време за тоа. Нема потреба да се одговора на тоа прашање во моментов. Тој е на добро место и ние сме среќни – вели Тухел. Л.Д.


Пеле му честита на Меси за голгетерскиот рекорд

Пеле му се извини на Лионел Меси за доцнењето со честитките за соборување на неговиот рекорд за бројот на постигнати голови за една репрезентацијата на Јужна Америка. Меси постигна 79 гола за Аргентина, со што го надмина рекордот на Пеле од 77 меѓународни голови.
Пеле го пофали „извонредниот“ Меси, кој со хет-трикот на квалификацискиот натпревар за пласман на Светското првенство (СП) во 2022 година, Аргентина – Боливија (3-0), на 9 септември, го надмина Пеле, четири дена откако бразилската легенда беше на операција.
„Здраво Меси, извини за доцнењето. Сепак, не сакам да ја пропуштам шансата да ти честитам за уште еден соборен рекорд. Твојот фудбалски талент е извонреден. Се надевам дека ќе постигнеш уште повеќе голови, заедно со моите пријатели Мбапе и Нејмар од ПСЖ“, напиша Пеле на Инстаграм. Л.Д.


Три генерации од семејството Малдини постигнуваат голови за Милан

Милан ја совлада Специја на гости, со 2-1, во меч од италијанската фудбалска Серија А, а Даниел Малдини (19) на првиот меч како стартер стана третата генерација на фудбалери од неговото семејство што постигнува гол за Милан. Голот што го постигна Даниел Малдини во 48. минута следува 13 години и 179 дена по последниот првенствен гол што го постигна татко му Паоло Малдини, и 60 години и 22 дена по последниот гол на дедо му Чезаре Малдини во Серија А. По оваа победа, Милан е на врвот на табелата со 16 бода, еден повеќе од Наполи, кој вчера играше со Калјари на домашен терен.
Бранителот на титулата, Интер, ремизира со Аталанта, 2-2, со што ја прекина серијата од 18 победи на домашен терен во Серија А. Интер ги доби сите домашни мечеви во лигата од ремито со Парма на 31 октомври 2020 година. Интер е на третата позиција, со 14 бода. Л.Д.