Почна 29-та сезона на ЛШ, Загреб рекордер со 28 настапи

Со синоќешните дуели Елверум – Вардар, Монпелје – Сегед, Мешков – Кил и Загреб – Алборг почна 62-то издание на најсилното европско клупско ракометно натпреварување, 29-то издание според сегашниот формат на Лигата на шампионите (ЛШ). Со денешните дуели Динамо – Киелце, Мотор – Порто, Веспрем – ПСЖ и Фленсбург – Барселона ќе се комплетира 1-то коло.
Во трката за титулата ќе учествуваат 16 клуба од 13 земји. Сезонава нема дебитант во ЛШ. Во споредба со минатата сезона има само две измени во однос на учесниците, Монпелје го замени Нант, а Динамо дојде на местото на Целје. Само Франција, Германија и Унгарија имаат по два претставника. Хрватскиот Загреб има најдолг стаж од учества во ЛШ, 28 сезони, вклучувајќи ја и сезонава, втор е Веспрем со 27, а трета е Барселона со 25 сезони во најсилното клупско натпреварување.
Двете најдобропласирани екипи од двете групи по групната фаза ќе обезбедат директно место во четврт-финалето, а двете најслабопласирани екипи од секоја од двете групи нема да играат во плејоф-мечевите. Во досегашните 12 сезони откако се игра фајналфор-форматот, ниту еден тим не ја одбранил титулата освоена во претходната сезона. Та.Д.


ФУДБАЛ

Челси 23-ти пат не прими гол од доаѓањето на Тухел

Челси со минималната победа над Зенит со 1-0, со голот на Ромелу Лукаку, за него прв во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ) за „сините“ од Лондон, ја почна одбраната на европската титула.
– Среќен сум поради победата. Ова беше наш подобар натпревар од оној минатиот викенд. Мораме да продолжиме да се подобруваме. Знаевме дека ова ќе биде тежок натпревар, но навистина добро го контролиравме. Ова беше првиот натпревар во ЛШ, сега нѐ очекува тежок дуел викендов со Тотенхем – изјави Лукаку за „БТ спорт“.
Челси е без примен гол на 23 меча откако во јануари на менаџерската функција дојде Германецот Томас Тухел, што е најдобар ефект од сите клубови во петте европски лиги (Манчестер сити на 16, Севилја и Монако на по 15, Манчестер јунајтед и Лил на 14 меча итн.). За голманот на Челси, Едуард Менди, тоа беше 10-ти дуел без примен гол на 13-те досегашни натпревари во ЛШ. Поуспешен од него во оваа категорија е само Кејлор Навас, кој имаше 10 меча без примен гол на првите 11 средби.
– Очекувавме тежок натпревар бидејќи ова е најквалитетното натпреварување во Европа, а Зенит е шампион на Русија. Моравме да одиграме на највисоко ниво. Победата е значајна за нашата самодоверба. Првиот чекор беше успешен, но нѐ чекаат уште пет меча во групната фаза – рече Тухел. Л.Д.


Барселона по многу години првпат не упати удар во гол на меч во ЛШ

Барселона во „ерата по Меси“ претрпи убедлив пораз во 1-то коло на фудбалската Лига на шампионите (ЛШ) од Баерн, со 0-3 на стадионот „Ноу камп“, во меч во кој не успеа да упати удар во противничкиот гол. Такво нешто првпат ѝ се случува на Барселона на 186-те меча во ЛШ, откако од сезоната 2003/2004 „Опта“ почна да води ваква статистика. Каталонскиот тим првпат претрпи три порази дома во ЛШ, со три гола разлика (0-3 со Јувентус, 1-4 со ПСЖ и со Баерн 0-3), еден повеќе од првите 24 кампањи во ЛШ (0-4 со Динамо Киев во 1997 и 0-3 со Баерн во 2013 година).
– Тоа е она што е, ова е нашата реалност – изјави по мечот Жерар Пике.
Баерн е во серија од 19 натпревари без пораз на гости, што е рекорд во сите европски натпреварувања. Роберт Левандовски постигна два гола на овој меч (вкупно 75 во ЛШ), односно се запиша во листата на стрелците на секој од претходните 18 натпревари (постигна 28 гола), што, пак, е клупски рекорд. Последниот меч на кој тој не постигна гол беше финалето на клупското Светско првенство против Тигрес на 11 февруари. Еден гол за Баварците постигна Томас Милер, за него седми во дуелите со Барселона во Лигата на шампионите, два повеќе од кој било друг играч. Л.Д.