ФОРМУЛА 1
Ферстапен следната трка ќе ја почне за три позиции поназад од местото обезбедено во квалификациите

Водечкиот во генералниот пласман на Светското првенство во Формула 1, Холанѓанецот Макс Ферстапен, е казнет со одземање три позиции на следната трка, во Русија (на 26 септември), по судирот со Луис Хамилтон во 26-от круг во трката во Италија викендов. Австралиецот Даниел Рикардо е победник на 14-та трка сезонава, во Монца. Ферстапен трката во Русија ќе ја почне за три позиции поназад од местото обезбедено во квалификациите. За Рикардо ова беше осма победа во кариерата. Ова беше трета трка сезонава во која победата не им припадна на Ферстапен или на Хамилтон (во Азербејџан славеше Серхио Перез, а во Унгарија триумфира Естебан Окон). Холанѓанецот го задржа водството во генерален пласман со 226,5 бода, пред Хамилтон со 221,5, Ботас со 141, Норис со 132, Перез со 118 бода... Та.Д.


АТЛЕТИКА
Поп Арсова и Ивановски рекордерски во полумаратон

Адријана Поп Арсова и Дарио Ивановски истрчаа нови лични и македонски рекорди на Балканското првенство во полумаратон (21 км), што се одржа во рамките на уличната трка „Трчај бе“ во Битола. Поп Арсова го освои четвртото место со време од 1:18,50 час, подобро за 70 секунди од нејзиното претходно најдобро време (1:20.01). Ивановски беше трет со време од 1:06,09 часа (стариот рекорд изнесуваше 1:08,03). Ивановски (24) по 18-ти пат во кариерата постави нов национален рекорд, меѓу кои осум сезонава, на делниците од 1.000, 3.000, 5.000 и 10.000 метри и на полумаратонот. Л.Д.


ФУДБАЛ
Салах е 30-ти играч со 100 гола во Премиер-лигата

Египќанецот Мохамед Салах постигна еден гол на мечот Лидс – Ливерпул (0-3) за него 100-ти во англиската фудбалска Премиер-лига (98 за Ливерпул и два за Челси) на 162 одиграни натпревари. Само на Алан Ширер (124 меча), Хари Кејн (141), Серхио Агуеро (147) и на Тиери Анри (160) им успеало на помалку натпревари од Салах да постигнат по 100 гола во Премиер-лигата. Салах е 30-от фудбалер што постигнал 100 и повеќе голови во најсилната лига на Англија. Тој пристигна во Англија, во Челси, во јануари 2014-та од Базел. Потоа замина на заем во Фиорентина, а во 2016 година направи трансфер во Рома. Веќе следната сезона се пресели во Ливерпул, каде што во првата сезона, само до Нова година, тој постигна 23 гола и го израмни 46 години стариот клупски рекорд на Роџер Хант. На крајот од таа сезона 2017/2018, тој беше најефикасен во Премиер-лигата со 32 гола на 36 меча. Во следните две сезони во кои Ливерпул стана првак на Европа и на Англија, тој постигна 22, односно 19 погодока, а лани повторно 22 гола. Л.Д.