ВЕЛОСИПЕДИЗАМ
Роглич по третпат во низа триумфира на Вуелта

Словенечкиот велосипедист Примож Роглич (31) славеше по третпат во низа на престижната трка околу Шпанија, Вуелта, откако извојува победа и во последната, 21. етапа, која се возеше на хронометар (33,8 км). Роглич, олимпискиот шампион на хронометар од Токио, постигна време од 44 минути и две секунди, втор беше Данецот Магнус Корт Нилсен (плус 14 сек.), а трет Холанѓанецот Тимен (плус 52 сек.).
Во вкупниот поредок, Роглич, кој вози за тимот на Џамбо-Висма, по 21. извозена етапа оствари време од 83 часа, 55 минути, 29 секунди и заврши пред второпласираниот, Шпанец Ерик Мас (Мувистар), со предност од четири минути и 42 секунди, што е досега најголема разлика на оваа трка од 1997 година. Трет низ целта мина Австралиецот Џек Хајг (Бахреин/Викториус), со задоцнување од седум минути и 40 секунди.
– Последната фаза и целата оваа недела беа напорни. Знаев дека сум на добар пат да победам и уживав во поддршката од толпата покрај патот. Понекогаш победуваш многу, а понекогаш малку, а сѐ додека можеш да победуваш е многу убаво. Не се фокусирам на бројки, статистика или на сите тие работи, возам од ден на ден и уживам во тоа. Чест ми е што сум на ова место – изјави по триумфот Роглич. Г.И.


Доминација на кинеските спортисти со 207 медали, од кои 96 златни

ЗАВРШИЈА ПАРАОЛИМПИСКИТЕ ИГРИ ВО ТОКИО

Со свечена церемонија на Националниот стадион, на која присуствуваше и македонската делегација со еден натпреварувач, стрелачката Оливера Наковска-Бикова, во Токио се затворени Параолимписките игри (ПОИ) 2020.
– Многупати мислевме дека овие игри не можат да се случат. Имаше многу непроспиени ноќи – изјави на затворањето на Игрите, Ендрју Парсонс, претседател на Интернационалниот параолимписки комитет, пренесува агенцијата АП.
Како и ЛОИ така и ПОИ се одржаа за време на вонредната состојба во Токио поради ковид-19. Она што ги обележи овие игри е што на нив учествуваа рекордни 4.405 спортисти.
– Верувам дека стигнавме до крајот на ПОИ без поголеми проблеми – рече Сеико Хашимото, претседател на Организацискиот комитет на Игрите.
Параолимписката репрезентација на Кина е најуспешната на ПОИ 2020. Таа освои вкупно 207 медали, од кои 96 златни, 60 сребрени и 51 бронзен. Втора е Велика Британија со 124 медали (41-38-45), а трети се САД со вкупно 104 освоени медали (37-36-31). Наковска-Бикова, во три дисциплини, и тоа воздушен пиштол од 10 метри (шесто место), спорт пиштол од 25 метри мешано (деветто) и во малокалибарски пиштол слободен избор од 50 метри (26-то место). За неа ова беше петти настап во низа на ПОИ, а во Лондон во 2012 година го освои златниот медал во дисциплината воздушен пиштол од 10 метри.


ТЕНИС – САД ОПЕН
Тинејџери им застанаа на патот на фаворитите

Шпанскиот тинејџер Карлос Алкараз е вистинска сензација на тенискиот гранслем-турнир САД опен, кој се игра во Њујорк. По елиминацијата на третиот носител, Гркот Стефанос Циципас, Алкараз го елиминира и Германецот Петер Гојовчик, со 5-7, 6-1, 5-7, 6-2, 6-0, и стана најмладиот четвртфиналист во историјата на САД опен, но и најмлад четвртфиналист на сите гранслем-турнири, по Мајкл Ченг во 1990 година на Ролан Гарос. За место во полуфиналето, шпанското тениско чудо од дете ќе игра против младиот Канаѓанец, Феликс Агуер Алијасиме.
Елиминација во четвртото коло доживеа и 11-от носител, Аргентинецот Диего Шварцман, од квалификантот Ботиќ ван де Заншули од Холандија, кој, пак, за место во полуфиналето ќе игра со Русинот Данил Медведев.
Канаѓанката Лејла Фернандез, која пред два дена ја елиминира бранителката на титулата од лани, Јапонката Наоми Осака, на својот 19-ти роденден истото тоа ѝ го стори и на поранешната најдобра светска тенисерка, Германката Анжелика Кербер (сега 11-та носителка), победувајќи ја со 4-6, 7-6, 6-2 во сетови, и си обезбеди место во четврт-финалето. Елиминација во осминафиналето доживеа уште една поранешна најдобра светска тенисерка, Романката Симона Халеп, која со 3-6, 3-6 во сетови беше надиграна од Украинката Елина Свитолина. Фернандез и Свитолина ќе се сретнат во четврт-финалето. Та.Д.