Тој потпиша петгодишен договор според кој ќе стане најплатениот играч во клубот и ќе заработува околу 235.000 евра неделно

ФУДБАЛ
Лукаку се врати во Челси за рекордни, за клубот, 115 милиони евра

Ромелу Лукаку се враќа во Челси по десет години откако првпат му се приклучи, за рекорден клупски трансфер од 97,5 милиони фунти (околу 115 милиони евра). Лукаку (28), кој лани играше за Интер, а првично дојде на „Стамфорд бриџ“ како 17-годишник од белгиски Андерлехт, во 2011-та потпиша петгодишен договор со Челси, според кој ќе стане најплатениот играч во клубот и ќе заработува 200.000 фунти неделно (околу 235.000 евра).
Овој трансфер го надминува ланскиот на Германецот Каи Хаверц, вреден 75,8 милиони фунти (90 милиони евра).
– Среќен сум што се вратив во овој прекрасен клуб. Дојдов овде како дете што имаше многу да учи, сега се враќам со многу искуство и позрел. Односот што го имам со овој клуб ми значи многу. Навивав за Челси уште како дете и сега се враќам да помогнам во освојувањето што повеќе титули. Мислам дека оваа можност доаѓа во вистинско време и се надевам дека ќе постигнеме многу успеси заедно – изјави Лукаку за клупската интернет-страница.
По напуштањето на Челси во 2014-та, Лукаку стана еден од најефикасните напаѓачи во Европа, постигнувајќи 87 гола на 166 меча за Евертон помеѓу 2014 и 2017 година и 42 гола на 96 настапи во текот на двете години во Манчестер јунајтед, пред да потпише за Интер во 2019-та. Минатата сезона тој постигна 24 гола во Серија А и му помогна на Интер да го освои првото „скудето“ по 11 години. Лукаку постигна 64 гола на 98-те настапи за Белгија, при освојувањето на третото место на Светското првенство (СП) во 2018 година во Русија. Л.Д.


ФУДБАЛ
Сити подготвен да плати 150 милиони евра за Кејн!

Според весникот „Гардијан“, бранителот на титулата во Премиер-лигата, Манчестер сити, е подготвен да му плати 127 милиони фунти (150 милиони евра) на Тотенхем за Хари Кејн. Тотенхем претходно инсистираше дека Кејн не е на продажба и ја одби првичната понуда од 100 милиони фунти (околу 118 милиони евра) од шампионот. Се претпоставува дека новата понуда, „тешка“ 150 милиони фунти, би можеле да го доведе во дилема претседателот на Тотенхем, Даниел Леви, да го продаде.
Неодамна Пеп Гвардиола потврди дека Манчестер Сити сака да го ангажира Кејн и да постави нов британски рекорден трансфер, по минатонеделниот со Џек Грилиш, за кого на Астон вила ѝ плати 100 милиони фунти.
– Ако Тотенхем не сака да преговара, тогаш е готово. Ако се отворени за преговори, мислам дека не само Манчестер сити туку и многу други клубови во светот ќе се обидат да го ангажираат – изјави Гвардиола.
Тотенхем утре го пречекува Манчестер сити во натпревар од 1-то коло во Премиер-лигата. Л.Д.


ОДБОЈКА
Македонија поразена од Србија во првата контролка

Македонија загуби од Србија, со 1-3 (17-25, 21-25, 17-25, 25-21), во првиот контролен натпревар во Белград, како дел од подготовките за претстојното Европско првенство (ЕП), кое почнува на 1 септември. По речиси едномесечните подготовки во Маврово, за Македонија ова беше прв контролен меч, поради што недостигаше течна и попрецизна игра. Од друга страна, пак, противник беше реномиран состав, актуелниот европски првак, кој иако настапи со вториот тим, сепак беше пресилен.
– Направивме многу грешки, но тоа беше и очекувано, се гледа дека досега бевме на планина. Сакавме да играме со посилен противник за да видиме до каде сме и допрва ќе тежнееме на подобрување на формата. Некои од играчите се жалат на повреда, Никола Ѓорѓиев не е најподготвен, па полека ќе коригираме некои работи во играта – изјави селекторот Душко Николиќ.
Македонија го почна мечот со стандардниот состав, капитенот Никола Ѓорѓиев и Ѓорѓи Ѓорѓиев, на коректорската и на позицијата техничар, Владо Милев и Александар Љафтов како примачи, Ристо Николов и Филип Маџунков на центарските позиции, а Дарко Ангеловски како либеро. Во четвртиот сет на теренот беа Филип Деспотовски, како организатор на играта, Стојан Илиев на местото на капитенот Ѓорѓиев и Филип Николовски како либеро, а шанса доби и Лука Костиќ.
Македонија синоќа во Белград го играше вториот меч со Србија. Л.Д.