ФУДБАЛ

Бонучи и Кјелини вторпат ќе играат во меч за титулата на ЕП
Тандемот центархалфови на фудбалската репрезентација на Италија, Леонардо Бонучи (34) и Џорџо Кјелини (36), вторпат ќе играат во финале на европско првенство (ЕП), по она во 2012 година. Бонучи го израмни и рекордот на Џанлуиџи Буфон со 17 настапи на европските првенства за Италија. Жорди Алба, пак, го изедначи рекордот на Шпанија со 16 настапи на ЕП, што веќе го држеа Сеск Фабрегас и Андрес Иниеста. Алваро Мората го постигна шестиот гол на континенталните првенства, еден повеќе од претходниот рекордер Фернандо Торес. Мората е и првиот фудбалер на Шпанија што постигнал по три гола на две ЕП. Педри стана првиот европски фудбалер во историјата на големите турнири (ЕП и СП) што бил стартер на шест натпревари на возраст од 18 години или помалку. Л.Д.


Четврто меѓусебно финале на Аргентина и на Бразил

Копа Америка, фудбалското првенство на Јужна Америка, се игра повеќе од 100 години (од 1916 година), актуелниот шампионат е 47. по ред, но на само 20 досега се играле финалиња (тоа в недела помеѓу Бразил и Аргентина ќе биде 21.). На преостанатите првенства шампионот бил одредуван низ мечеви во група, без решавачки натпревар на крајот на првенството. Финалето помеѓу Бразил и Аргентина ќе биде нивен четврти меѓусебен меч за јужноамериканската фудбалска титула. Во првото такво финале во 1937 година, Аргентина победила со 2-0, во 2004 година Бразил славел на пенали, а Бразил победил и во 2007 година, со 3-0.


КОШАРКА – НБА, ФИНАЛЕ
Феникс поведе, Пол им се придружи на Џабар и на Данкан

Феникс со победа со 118-105 ја отвори финалната серија на плејофот во кошаркарската НБА-лига против Милвоки и сега го делат уште три чекори до шампионскиот прстен. Триумфот беше резултат и на играта на еден од најдобрите плејмејкери од неговата генерација, Крис Пол, за кого ова е прво финале. Тој пред својата публика уфрли 32 поена, а имаше четири скока и девет асистенции и е еден од тројцата играчи, заедно со Карим Абдул Џабар и Тим Данкан, што на 36 или повеќе години постигнале најмалку 30 поени во финален натпревар. Покрај Пол, добро одиграа и Девин Букер (27 поени) и Деандре Ејтон (22 поени и 19 скока). Следниот меч, пак, се игра во Аризона утре наутро. Г.И.