ФУДБАЛ

Зидан си заминува од Реал?

„Онда серо“ објави дека најверојатен наследник на Зидан ќе биде еден од тројцата кандидати, поранешниот тренер на Јувентус, Масимилијано Алегри, бившиот играч на Реал, Раул Гонзалес, или Јоаким Лев, кој ќе се повлече од функцијата селектор на Германија по Европското првенство (ЕП) летово.
Зидан веќе навести дека може да си замине, велејќи оти „доаѓа време кога е дојден моментот за промена“.
– Не заминувам затоа што е лесно. Не е како оди си и не гледај назад. Не, има моменти кога мора да си таму и има моменти кога тоа е тоа, заврши, време е за промени. За доброто на сите, не само за мене – изјави Зидан, кој има само убави зборови за своите играчи, опишувајќи го својот однос со нив како „целосна почит“. Л.Д.


ФУДБАЛ – ШКОТСКА

Ренџерс без пораз до титулата

Ренџерс го совлада Абердин, со 4-0, и без пораз ја заврши сезоната (32 победи и шест ремија) во шкотската Премиер-лига, во која по 55-ти пат стана шампион.
Избраниците на Стивен Џерард се првиот тим без пораз по Селтик во сезоната 2016/2017, предводен од Брендан Роџерс, пишува „Би-би-си“.
Ренџерс освои 102 бода (клупски рекорд), 25 повеќе од Селтик, не прими гол на 26 од 38 натпревари, со што го израмни рекордот на Селтик стар 107 години. Ренџерс даде 92, а прими само 13 гола, еден помалку од Селтик во сезоната 1913/1914.
Навивачите на Ренџерс не се придржувале на препораките од властите и излегле на улиците на Глазгов да ја прослават првата титула по пауза од десет години. Полицијата се обидела да ја растера толпата во центарот на градот, но некои навивачи почнале да фрлаат тврди предмети и огнени ракети врз нив. Притоа тројца полицајци биле повредени, а дваесетина лица уапсени. Л.Д.


ВЕЛОСИПЕДИЗАМ
Светскиот првак Алафилип нема да настапи во Токио

Французинот Жулијан Алафилип, светскиот првак во велосипедизам, нема да настапи на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио, поради лични причини.
– По многу размислување и во договор со националниот селектор и со мојот тим Десонак-Квик степ, решив да не учествувам на Игрите во Токио. Тоа е лична, добро промислена одлука – напиша Алафилип (28) на Инстаграм.
Алафилип, кој ќе стане татко следниот месец, беше четврти на ЛОИ 2016 во Рио, а за Токио се сметаше како фаворит за освојување на еден од медалите.
Тој ќе настапи на годинашниот Тур де Франс, од 26 јуни до 18 јули. Л.Д.


Поради ковид-19 нема да се вози во Турција

Наместо во Турција, раководството на Формула 1 уфрли уште една трка во Австрија, од 25 до 27 јуни
Шест недели откако беше внесена во календарот на Формула 1, трката за Големата награда на Турција беше откажана поради влошената епидемиолошка состојба во оваа земја, потврдија од раководството на Формула 1.
Турција требаше од 11 до 13 јуни да биде домаќин на гранпри-трка како замена за онаа во Канада, која отпадна од календарот поради ограничувањето на патувањето. Наместо трката во Турција, раководството на Формула 1 уфрли уште една трка во Австрија, која ќе биде на програмата од 25 до 27 јуни. За да се состават двете трки во Австрија, трката за Големата награда на Франција доби нов датум, така што наместо на 27 јуни, ќе се вози една седмица претходно, на 20 јуни.
Претседателот на Формула 1, Стефано Доменикели, рече дека биле многу задоволни од трката во Турција, но и дека сега е невозможно трката да се одржи поради ограничувањата предизвикани од епидемиолошката состојба.
– Формула 1 уште еднаш покажа дека е способна брзо да реагира соодветно на развојот на ситуацијата и да најде решенија. Нашата сезона останува со 23 трки и тоа е најважно – рече Доминикели. Та.Д.