ШАХ – ПЕТТИ ИНТЕРНЕТ-ТУРНИР НА ШАМПИОНИТЕ
Прв триумф на Карлсен

Актуелниот светски првак, Норвежанецот Магнус Карлсен, ги освои првото место, нови 50 бода и наградата од 30.000 евра, на петтиот интернет-турнир во забрзан шах „Мелтвотер“ (15 минути плус 10 секунди за секој потег по играч), вреден 100.000 евра, од серијата 10 турнири вредна 1,5 милион евра. Тој во финалето го победи Американецот Хикару Накамура (15.000 евра) со 5-3 (по првиот ден беше 3-1, а по вториот 2-2), кој, пак, освои 33 бода. Ова за Карлсен беше прва победа во оваа серија, со што изби на врвот во генералниот пласман, но истовремено обезбеди и билет за финалниот турнир.
Во борбата за третото место, Азербејџанецот Шахијар Мамеѓаров со 4,5-2,5 (2-2 и 2,5-0,5) го совлада Ерменецот Левон Аронијан и освои 21 бод. Петти, на турнирот на кој настапија вкупно 16 шахисти, заврши дотогаш водечкиот во генерален пласман, Американецот Весли Со, кој сега падна на втората позиција. Шестиот турнир се игра на 23 мај, прво ќе има прелиминарна фаза, а потоа до финалето ќе се игра по нокаут-систем. Вкупната серија се состои од 10 турнири, шест редовни, три посебни и едно финале, со различен награден фонд. Пред големото финале во Сан Франциско во септември, остануваат уште четири турнири. На првиот и на третиот турнир славеше Со, на вториот Азербејџанецот Тимур Раџабов, а на четвртиот Холанѓанецот Аниш Гири.
Топ 10 во генералниот пласман по пет одиграни турнири: Карлсен 185 бода (вкупна заработка 95.000 евра), Со 145 (85.000), Раџабов 109 (78.500), Гири 105 (75.000), Непомнијашчи 83 (60.000), Аронијан 81 (66.500), Накамура 73 (45.000), Вашер-Леграв 54 (46.500), Дубов 23 (25.000), Мамеѓаров 21 (13.000). Г.И.


УЕФА ПОТВРДИ На ЕП во репрезентациите по 26 фудбалери

Извршниот комитет (ИК) на Европската фудбалска унија (УЕФА) на вчерашната седница потврди дека во репрезентациите на претстојното Европско првенство (ЕП) ќе има по 26, наместо по 23 играчи, како досега. Оваа измена е направена за да се ублажат ризиците кај селекции, кои би можеле да се соочат со недостиг од играчи поради позитивни тестови на ковид-19 и евентуални карантински мерки. Но 23 играчи ќе биде максимално дозволениот број за секој натпревар (во согласност со правилото што дозволува максимум 12 замени на натпреварите, меѓу нив и тројца голмани).
Селекторите треба да ги достават списоците со играчите најдоцна до 1 јуни. Според сегашните прописи, дозволени се неограничени замени во случај на сериозна повреда или болест пред првиот натпревар, под услов замените да бидат медицински заверени. Заради јасност, играчите што биле позитивни на ковид-19 или кои имале „блиски контакти“, и затоа се ставени во изолација, се сметаат за случаи на сериозна болест. Тие можат да бидат заменети пред првиот натпревар со одобрение од УЕФА. Голманите можат да бидат заменети и за време на турнирот во случај на физичка неспособност (повреда), дури и ако еден или двајцата голмани сè уште се на располагање. Играчот што ќе испадне од списокот, не може повторно да биде во комбинација. Л.Д.