ТЕНИС
Вимблдон ќе гради 39 нови терени, од кои еден за 8.000 гледачи

Нов тениски терен со трибини со капацитет од 8.000 места ќе се гради во тенискиот комплекс Вимблдон, пренесе британскиот дневен весник „Гардијан“. Новиот тениски терен, кој ќе има подвижен покрив, се очекува да биде подготвен за натпревари во 2030 година. По централниот терен и теренот број еден, ова ќе биде трет по големина терен на Вимблдон, со што британскиот тениски комплекс ќе се усогласи со другите гранслем-турнири, кои имаат поголема трета арена.
Во 2018 година беше прифатена понудата на Вимблдон од 65 милиони фунти за купување на земјиштето од голф-клубот Вимблдон парк. Ќе бидат изградени вкупно 39 терени, но, освен арената, другите со монтажни трибини, за да се зачува изгледот на паркот уреден во 18 век. Со изградбата, капацитетот на турнирот ќе се зголеми на 50.000 гледачи дневно. Главна мотивација за зголемување на бројот на тениските терени е да се овозможи квалификациите за турнирот да се играат на самото место. Та.Д.


 

ФУДБАЛ

Претседателот на Аргентина повика на внимателност пред Копа Америка

Претседателот на Аргентина, Алберто Фернандез, пред претстојната Копа Америка во фудбал, на која неговата земја треба да биде кодомаќин со Колумбија, инсистира дека мора да се има предвид ситуацијата со пандемијата на коронавирусот, објави агенцијата „Франс прес“. Аргентина треба да биде домаќин на воведниот натпревар на фудбалското првенство на Јужна Америка, на 13 јуни. Финалето треба да се игра во Колумбија, на 10 јули. Првпат во 105-годишната историја на турнирот има две земји-домаќини.
– Сакам да бидеме многу разумни, многу внимателни. Уште имаме време да видиме како ќе се развиваат работите и да видиме како можеме да се справиме со нив – изјави Фернандез за „Радио 10“.
Копа Америка требаше да се одржи лани, но беше одложена за 12 месеци поради пандемијата на ковид-19. Оттогаш репрезентациите гости на турнирот, Австралија и Катар, се повлекоа, па на Копа Америка ќе играат 10-те членки на Јужноамериканската конфедерација (КОНМЕБОЛ). Л.Д.


Кошарка

Јокиќ е МВП во НБА-лигата според анкета на ЕСПН

Од 101 американски новинар, колку што гласале во анкетата, 90 го дале својот глас за Јокиќ
Кај американски новинари очигледно нема неизвесност за тоа кој би требало да биде најкорисниот кошаркар (МВП) на сезоната во НБА-лигата. Тоа е српскиот центар Никола Јокиќ, кој засега игра фантастично, со просечен ефект по натпревар од 26 поени, 10,9 скока и 8,8 асистенции. На последниот меч тој го постигна својот 15-ти трипл-дабл во сезоната, а 56-ти во неговата НБА-кариера, со што стана деветти во историјата на најсилната кошаркарска лига во светот.
Познатиот американскиот спортски канал ЕСПН спроведе голема анкета на темата кој е МВП во досегашниот дел од НБА-сезоната, иако останаа уште два месеци до официјалното доделување на ова признание.
Од 101 новинар, колку што гласале во анкетата, 90 го ставиле Јикиќ на првото, осум на второто, двајца на третото и еден на четвртото место, или центарот на Денвер добил вкупно 969 поени. Второпласираниот Џоел Ембид добил 401 поен. Г.И.