ФУДБАЛ
Гвардиола како Мурињо

Пеп Гвардиола му се придружи на стариот ривал, Жозе Мурињо, како тренер со најмногу настапи во полуфиналето на фудбалската Лига на шампионите, осум. Гвардиола го стори тоа со три клуба, Барселона, Баерн и Манчестер сити, а освои и две титули првак на Европа, двете со Барселона. Мурињо, пак, меѓу четирите најдобри во ЛШ стигна со четири клуба, Порто, Челси, Интер и Реал Мадрид, освојувајќи два трофеја, со Порто и со Интер. Л.Д.


Необични рекорди на Џад Белингам

Џад Белингем влезе во историјата на фудбалската Лига на шампионите (ЛШ), со голот на натпреварот на Борусија Дортмунд со Манчестер сити, како втор најмлад играч што постигнал гол во нокаут-фазата во ова натпреварување, на 17 години и 289 дена. Рекордер во оваа категорија е Бојан Кркиќ од Барселона, кој кога постигна гол на мечот со Шалке, во април 2008 година, имаше 17 години и 217 дена. Белингем го забележа и 10-от настап во ЛШ, што исто така е подвиг што претходно го остварил само еден играч на негова возраст, Јури Тилеманс во 2014, сега играч на Лестер. Белингем стана најмладиот англиски фудбалер што постигнал гол во ЛШ, надминувајќи го Алекс Окслејд-Чембрлен, и најмладиот фудбалер што постигнал погодок за германски клуб во ова натпреварување. Л.Д.


ФУДБАЛ
По пет сезони сите полуфиналисти беа први во групната фаза

По пет сезони пауза, одново во полуфиналето на фудбалската Лига на шампионите се пласираа четири тима што беа први во своите групи во првиот дел од натпреварувањето. Сезонава тоа се Реал Мадрид (прв во групата Б), Манчестер сити (група Ц), Челси (група Е) и Пари сен Жермен (група Х). Во сезоната 2015/2016 тоа беа Манчестер сити, Реал Мадрид, Атлетико Мадрид и Баерн.


КОШАРКА
Нижни Новгород домаќин на завршниот турнир во ЛШ

Рускиот град Нижни Новгород е избран да биде домаќин на завршниот турнир на Лигата на шампионите со осум тима, од 5 до 9 мај, одлучи Бордот на Светската кошаркарска федерација (ФИБА). Место на тој турнир обезбедија Сарагоса, Сан Пабло Бургос, Тенерифе (трите од Шпанија), Нимбурк (Чешка), Хапоел Холон (Израел), Пинар Каршијака (Турција), Стразбур (Франција) и Нижни Новгород (Русија). Г.И.