АТЛЕТИКА
Линден стана првата жена што истрча 50 км за помалку од три часа

Дезире Линден (САД) стана првата жена што истрча 50 километри за помалку од три часа, поставувајќи најдобар светски резултат од два часа, 59 минути и 54 секунди, на специјално организираниот настан во Орегон (САД), објави Светската атлетика на својата интернет-страница.
Со тоа време, победничката на маратонот во Бостон во 2018 година го подобри досегашното најдобро светско време за повеќе од седум минути (3:07,20 часа), поставено од Британката Алисон Диксон при освојувањето на светската титула на 50 километри во 2019 година.


ФУДБАЛ – ЛИГА ЕВРОПА

Домашните тимови влегуваат со предност во реваншите

Во фудбалската Лига Европа (ЛЕ) вечерва се играат реваншите од четврт-финалето, во кои домашните тимови влегуваат со предност стекната на првите мечеви на гости. Загрепски Динамо, на македонските репрезентативци Аријан Адеми и Стефан Ристовски, гостува кај Вилјареал (прв натпревар 1-0 за Вилјареал). Неизвесен меч со многу возбудувања може да се очекува и во Рим, на мечот Рома – Ајакс (во Амстердам победи Рома со 2-1). Арсенал игра во Прага, против Славија (во Лондон беше нерешено, 1-1), а најголема предност по првите средби има Манчестер јунајтед, кој победи со два гола разлика на гости кај Гранада (2-0). Л.Д.


КОШАРКА – НБА

Крис Пол петти во историјата според украдени топки

Кошаркарот на Феникс, Крис Пол (35), со трите украдени топки на натпреварот против Мајами во НБА-лигата, кој неговиот тим го доби со 106-86, го помина за една украдена топка Морис Чикс (64), кој, пак, стигна до бројката од 2.310. Чикс ја заврши кариерата во 1993 година во екипата на Њу Џерси. Со ова последно постигнување бекот Пол се вивна на петтото место во историјата на НБА во таа статистичка категорија. На првото место е Џон Стоктон со 3.265 украдени топки, а потоа се Џејсон Кид (2.684), Мајкл Џордан (2.514), Гери Пејтон (2.445), Пол (2.311), Чикс (2.310)… Г.И.


ФУДБАЛ – ЗА МЕЧЕВИТЕ ВО ЛОНДОН НА ЕП 2020
Плоштадот „Трафалгар“ навивачка зона за 12.500 луѓе?

Плоштадот „Трафалгар“ во Лондон е означен како можна навивачка локација за време на Европското првенство (ЕП) во фудбал летово. Плановите што допрва треба да ги одобрат лондонските власти се сите седум натпревари што треба да се играат на стадионот „Вембли“ да се прикажуваат на гигантските ТВ-екрани во центарот на Лондон, објави „Би-би-си“.
Англија трите натпревари во групата ќе ги игра на „Вембли“, првиот против Хрватска, на 13 јуни, пет дена подоцна против Шкотска, а против Чешка на 22 јуни. Сите три меча треба да бидат пренесувани во живо и на плоштадот „Трафалгар“, јасно, доколку властите дадат зелено светло.
„Вембли“ треба да биде домаќин на еден осминафинален меч, на двете полуфиналиња и на финалето, на 11 јули. Доколку Англија се пласира во нокаут-фазата, осминафиналниот и евентуално четвртфиналниот меч би ги играла во странство, но тие би се пренесувале на голем екран на „Трафалгар“. Во апликацијата во градските власти се бара капацитетот да изнесува 12.500 луѓе во навивачката зона, со бесплатни влезници.
Во исто време се разгледуваат и други опции и локации за можно „фудбалско село“ во Лондон. Претходно, лани Гринич парк беше предвиден за официјална навивачка зона. Л.Д.