МЛАДИНСКИ ТУРНИР ВО ЗАБРЗАН ШАХ
Импресивна победа на Прагнананда

Индиското шаховско чудо, 15-годишниот Рамешбабу Прагнананда (2.608 рејтинг-поени), забележа импресивна победа на интернет-турнирот „Полгар“ во забрзан шах, од шаховската серија „Џулиус Баер“ (се состои од четири турнири, а осумтемина најдобри на крајот играат нокаут-турнир за конечен победник). Со тоа тој обезбеди и настап на елитната шаховска турнеја „Мелтвотер“ во забрзан шах на 24 април, каде што играат врвните шахисти предводени од светскиот првак Магнус Карлсен. Вториот турнир од серијата „Џулис Баер“ е турнирот „Гелфанд“ на 10 јуни, а и таму ќе има покана за победникот. Во конкуренција на 20 млади учесници (10 шахисти и 10 шахистки, поделени во две групи), предводени од капитените Јудит Полгар и Владимир Крамник, по 18 кола Прагнананда освои 15,5 поени. Од второто до петтото место се пласираа Узбекистанецот Нордибек Абдусаторов (рејтинг 2.627), Индијците Домарају Гукеш (2.578) и Нихал Сарин (2.620) и Русинот Володар Мурзин (2.478) со по 14 поени. Г.И.


ТЕНИС
Дејвис-купот ќе се игра во Инсбрук, Торино и во Мадрид

Торино (Италија) и Инсбрук (Австрија) ќе му се приклучат на Мадрид (Шпанија) како кодомаќини на годинашниот турнир во тенискиот Дејвис куп од 25 ноември, пишува „Би-би-си“. Минатогодишното финали беше одложено поради пандемијата на коронавирусот, а истите 18 земји ќе се натпреваруваат на годинашниот настан.
Интернационалната тениска федерација (ИТФ) соопшти дека турнирот ќе се игра во текот на 11 дена, наместо на седум. Секој град ќе биде домаќин на две од шесте групи, главниот град на Шпанија ќе биде домаќин на групата А, во која ќе учествуваат Шпанија, Русија и Еквадор, и на групата Б, во која се Канада, Казахстан и Шведска. Велика Британија ќе ги игра своите натпревари во групата Ц, против Франција и Чешка во Инсбрук, а таму ќе се игра и групата Ф, во која се Австрија, Србија и Германија. Во Торино ќе се играат групата Д, со Австралија, Хрватска и со Унгарија, и групата Е, со САД, Италија и со Колумбија.
Инсбрук и Торино ќе бидат домаќини на две четврт-финалиња, а другите две ќе се играат во Мадрид, заедно со полуфиналето и финалето на 5 декември.
Турнирот се игра 121 година, а беше обновен во 2019 година, со турнир со 18 репрезентации, кога победи Шпанија на Рафаел Надал. ИТФ, исто така, потврди дека од 2022 година турнирот ќе се намали на 16 репрезентации и дека форматот во повеќе градови е дел од „долгорочната визија за натпреварот“, пренесе „Би-би-си“.