ФУДБАЛ – ПРЕМИЕР-ЛИГА
Челси и Манчестер J. сезонава меѓу себе одиграа како пред 99 години

Дерби-мечот Челси – Манчестер јунајтед во англиската фудбалска Премиер-лига викендов, кој заврши без голови, брзо ќе се заборави. Но ќе остане запишан во историјата на двата клуба по тоа што и на првиот одигран, на 24 октомври, немаше голови, односно по 99 години и сезоната 1921/1922, се случи двата првенствени меча да завршат беаз победник и без голови.
Во период од речиси еден век имало многу ремија без голови во дуелите помеѓу двата клуба, никогаш во иста сезона. Челси, кој не е поразен на деветте меча под водство на новиот менаџер Томас Тухел, две средби без голови последен пат одигра против Евертон пред 12 сезони. На Манчестер јунајтед, кој е непоразен на 20 гостувања по ред (13 победи и седум ремија), такво нешто му се случи во сезоната 1996/1997, во дуелите со Астон вила.
На мечот Шефилд – Ливерпул, 0-2, вториот погодок на Роберто Фирмино беше 7.000-ти за „црвените“ во најсилната лига на Англија. Ливерпул, кој ѝ` стави крај на серијата од четири порази по ред, е втор во оваа категорија, зад локалниот градски ривал Евертон, чии фудбалери постигнаа 7.108 гола. Л.Д.


ФУДБАЛ
Левандовски ја зголеми предноста

Роберт Левандовски ја зголеми предноста на врвот на фудбалската листа на стрелците сезонава во домашните првенства, откако во минатата недела постигна два гола, по еден повеќе од најблиските конкуренти од најсилните пет првенства во Европа (Англија, Франција, Шпанија, Германија и Италија).
Центарфорот на Баерн сега има 28 гола по 23 кола во германската Бундес-лига, а по 19 погодока сезонава постигнаа Лионел Меси од Барселона (Шпанија), Кристијано Роналдо од Јувентус (Италија) и Андре Силва од Ајнтрахт (Германија), пишува Европската фудбалска унија (УЕФА) на својата интернет-страница.


СВЕТСКО ПРВЕНСТВО – СКИЈАЧКИ СКОКОВИ

Германија ја одбрани титулата

Германскиот мешан тим во скијачки скокови го освои златниот медал во извонредна конкуренција во Оберстдорф на Светското првенство во нордиско скијање. Катарина Алтхаус, Маркус Ајзенбихлер, Ана Рупрехт и Карл Гајгер се пласираа пред репрезентациите на Норвешка и на Австрија.
Германија беше бранител на титулата од минатото СП. Словенија се најде на четвртото место, Јапонија е петта, Полска е шеста… Светското првенство за скијачите скокачи продолжува со натпреварите на големата скокалница, жените денеска квалификации и утре натпревар, а натпреварите на мажите на програмата се в петок и в сабота.