КОШАРКА – НБА
Одредени се сите учесници на олстар-мечот

По претходно избраните почетни петорки, познат е и списокот со резервните кошаркари на годинашниот олстар-натпревар во НБА-лигата, кој треба да се одржи на 7 март во Атланта. За резерви се избрани Џејлен Браун (Бостон), Џејмс Харден (Бруклин), Зак Лавин (Чикаго), Бен Симонс (Филаделфија), Џулиус Рендл (Њујорк), Џејсон Тејтум (Бостон), Никола Вучевиќ (Орландо), Демијан Лилард (Портланд), Донован Мичел (Јута), Крис Пол (Феникс), Ентони Дејвис (ЛА лејкерс), Пол Џорџ (ЛА клиперс), Зејон Вилијамсон (Њу Орлеанс) и Руди Гобер (Јута).
Во почетните петорки се Леброн Џејмс, Лука Дончиќ, Стеф Кари, Никола Јокиќ, Каваи Леонард од Западната конференција и Бредли Бил, Јанис Адетокунбо, Џоел Ембид, Кајри Ирвинг и Кевин Дурант од Источната конференција. Овие 10 кошаркари собраа најмногу гласови при изборот.
Конечните состави на двете екипи ќе бидат познати на 5 март, по ждрепката на двајцата капитени, на Западната (Џејмс од ЛА лејкерс) и на Источната конференција (Дурант од Бруклин). Првите ќе ги води од клупата Кевин Снајдер, тренерот на Јута, а другите Док Риверс од Филаделфија.
Овој пат нема да има дводневен спектакл поради пандемијата на ковид-19, но одлучено е натпреварот во брзо шутирање тројки да се организира пред мечот, а натпреварот во забивање за време на полувремето. Г.И.


АТЛЕТИКА – МИТИНГ ВО САЛА
Холовеј собори светски рекорд стар 27 години

Американецот Грент Холовеј (23) постави нов светски рекорд во сала во трка на 60 метри со пречки на Светската серија во Мадрид (Шпанија). Холовеј ја истрча патеката за 7,29 секунди, што е за една стотинка подобро од досегашниот рекорд на Британецот Колин Џексон поставен во март 1994 година, објави „Би-би-си“. Холовеј е актуелен светски првак на 110 метри со пречки од Светското првенство (СП) во 2019 година во Доха (Катар), со време од 12,98 секунди.
Светскиот шампион во сала, Ендру Поци, единствениот Британец што настапи на петтиот и последен настан од серијата, заврши како втор со неговиот најдобар резултат сезонава (7,51 секунди). Третото место му припадна на Италијанецот Паоло Дал Молин (5,57 секунди).
Покрај паричната награда од 20.000 долари за вкупниот победник на серијата, на победникот во секоја дисциплина му е загарантиран и настап на СП во сала во 2022 година во Белград. Следен атлетски настан е Европското првенство во сала, што треба да се одржи во Торун, Полска од 4 до 7 март. Г.И.


ФУДБАЛ
Австралија и Катар нема да играат на Копа Америка годинава

Австралија и Катар се повлекоа од настапот на Копа Америка годинава што почнува во јуни, соопшти Јужноамериканската фудбалска конфедерација (КОНМЕБОЛ).
Заменик-генералниот секретар на КОНМЕБОЛ, Гонзало Белосо, изјави дека двете земји-членки на Азиската фудбалска конфедерација (АФЦ) не ќе можат да учествуваат (како гости) поради совпаѓање на датумите (на 11 и на 15 јуни) со квалификациските мечеви за пласман на Светското првенство (СП) во 2022 во Катар.
Копа Америка, која беше одложена минатата година поради пандемијата на коронавирусот, треба да почне на 11 јуни и ќе се игра во Аргентина и во Колумбија.
Првпат фудбалското првенство на Јужна Америка ќе се игра во две земји. Стадионот „Монументал“ во Буенос Аирес ќе биде домаќин на воведниот натпревар Аргентина – Чиле, а финалето ќе се игра на стадионот „Метро“ во Баранкилја, Колумбија, на 10 јули. Л.Д.