ФУДБАЛ – ШПАНИЈА

Меси израмни рекорд на Чави со 505 настапи за Барселона

Аргентинецот Лионел Меси го одигра 505-от првенствен меч за Барселона, во фудбалското првенство на Шпанија против Алавес, победа со 5-1, на кој постигна и два гола, со што се израмни со поранешниот соиграч Чави според бројот на настапи во домашното првенство. Меси, шесткратниот добитник на „златната топка“ за најдобар светски фудбалер, ќе има шанса да го помине Чави на оваа листа на следниот меч, против Кадиз, на 21 февруари.
Вкупно, Меси за Барселона одигра 759 натпревари во сите натпреварувања, само осум помалку од рекордните 767 на Чави, и постигна 651 погодок. Во однос на настапите во Лигата за Барса, трет е Андрес Иниеста со 442, четврти е Серхио Бускетс со 399, а поранешниот капитен Карлес Пујол ги комплетира првите пет со 392 одиграни меча.
Меси (33) дебитира за Барселона во Ла лига против градскиот ривал Еспањол, на 16 октомври 2004 година. Во текот на минатите 16 години, Меси со Барселона освои 10 титули во првенството на Шпанија и четири во Лигата на шампионите (ЛШ).
Договорот на Меси со Барселона му истекува летово и засега останува непознато дали ќе остане или ќе се пресели во некој друг клуб. Тој најавува дека одлуката за својата иднина ќе ја донесе на крајот од сезоната. Л.Д.


ВЕЛОСИПЕДИЗАМ

Вуелта ја прекина традицијата, крајот во Компостела

Годинашната велосипедска трка, шпанската Вуелта, што треба да се одржи од 14 август до 5 септември, една од трите грантур-трки, покрај Тур де Франс и Џиро д’Италија, ќе започне во Бургос, во централна Шпанија со индивидуалниот хронометар и ќе заврши во Компостела, наместо во Мадрид, првпат по 2014-та, соопштија организаторите. Трката, исто така, ќе содржи уште еден индивидуален хронометар во последната етапа што претставува новина, многу поразлично од вообичаената формална последна етапа, објави „Ројтерс“.
Победникот на трката најверојатно ќе се одлучи во последна трета недела, која претежно се одвива на северот од Шпанија. Пет од 11-те планински етапи ќе се одржат во таа недела, вклучувајќи четири завршувања на етапи на врвовите.
Годинашното издание на Вуелта ќе остане во рамките на шпанската територија, со 21 етапа во должина од 3.336,1 км. Возачите и карванот ќе посетат голем број региони, со почеток и крај на етапите во 11 нови градови. Првите две недели од трката ќе се одвиваат на југот, пред да се замине на север. Л.Д.


Откажани се сите скијачки настани во Норвешка

Меѓународната скијачка федерација (ФИС) ги откажа сите натпреварувања од Светскиот куп (СК) во зимски спортови во Норвешка, по најновите ограничувања што ги воведоа норвешката влада и здравствените власти на земјата поради пандемијата на коронавирусот. Откажани се натпреварувањата во скијачко трчање и во скијачки скокови во Осло, Лилехамер, Трондхајм и во Викерсунд, како и нордиската комбинација во Осло и алпското скијање во Квитфјел. Од ФИС најавуваат дека дополнително ќе објават дали и каде да се одржат откажаните натпреварувања од Норвешка.