ФУДБАЛ – КЛУПСКО СП ВО КАТАР
Во полуфиналето Тигрес – Палмеирас и Ал Ахли – Баерн

Мексиканскиот Тигрес, првакот на Северна Америка, го совлада шампионот на Азија, јужнокорејскиот Улсан, со 2-1, во првиот меч на 17-то клупско Светско првенство (СП) во фудбал што се одржува во Катар.
Двата гола за Тигрес ги постигна францускиот интернационалец Андре-Пјер Жињак, вкупно 400 во историјата на ова натпреварување. Жињак е и најефикасниот играч во клупската историја на Тигрес, со 146 погодока. Во првото полуфинале утре Тигрес ќе игра против првакот на Јужна Америка, бразилскиот Палмеирас.
Во вториот воведен меч, првакот на Африка, египетскиот Ал Ахли, го победи домашниот претставник Ал-Духаил, со 1-0. Противник на Ал Ахли, кој третпат е полуфиналист во ова натпреварување (претходно во 2006 и во 2012-та), ќе му биде првакот на Европа и на Германија, Баерн, в понеделник. Подобрите од овие дуели ќе играат во финалето, кое е закажано за 11 февруари.
На натпреварите во Катар е дозволено присуство на гледачи, до 30 отсто од капацитетите на стадионите, со почитување на строгите медицински протоколи. Л.Д.

ПОЛУФИНАЛЕ
Тигрес – Палмеирас утре Ал Ахли – Баерн понеделник финалето е на 11 февруари


ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИ

Ливерпул не може да патува за Германија на мечот со Лајпциг

Ливерпул не ќе може да патува во Германија на првиот осминафинален натпревар во Лигата на шампионите (ЛШ) против Лајпциг, на 16 февруари. Причината е во тоа што Германија забрани влез за патници од повеќето земји, вклучувајќи и од Велика Британија, погодени од новите варијанти на ковид-19, пишува „Би-би-си“.
Во соопштението на германското министерство за внатрешни работи се вели дека на Лајпциг му било кажано оти натпреварот „не ги исполнува условите“.
Според регулативите на Европската фудбалска унија (УЕФА), Лајпциг мора да најде начин и место да биде домаќин на осминафиналниот натпревар или ризикува да го загуби службено со 0-3.
Ограничувањата во Германија се во сила до 17 февруари. Како опција би можело да биде играњето на мечот во друга земја или менување на домашните и на гостинските термини, Ливерпул да биде домаќин на првиот натпревар, а Лајпциг на реваншот, на 10 март. Л.Д.


СПОРЕД „ГРЕЈСНОТ СПОРТ“
Норвешка ќе доминира на ЗОИ во Пекинг со  41 медал?

Според прогнозите на компанијата „Грејснот спорт“, која обезбедува статистичка анализа на спортските лиги во светот, Норвешка ќе доминира на престојните Зимски олимписки игри во Пекинг (ЗОИ), кои ќе почнат на 4 февруари 2022 година, со освоени 41 медал, од кои 25 златни. Русија ќе биде втора со 36 (шест златни), па ќе следуваат Германија со 31 (12 златни), САД со 24 (11), Холандија со 21 (7) итн. Како потсетување, Норвешка доминираше и на последните ЗОИ во Пјонгчанг, со вкупно 39 медали (по 14 златни и сребрени и 11 бронзени).
Според нивната оцена, Канада, Австрија, Швајцарија, Шведска и Франција ќе бидат меѓу првите десет, а потоа ќе следуваат Јапонија, Италија, Ј. Кореја, Кина и Словенија. Сепак, сето ова да се прогнозира не е лесна работа, особено сега, за време на ковид-19, оти многу натпревари и подготовки се откажани или одложени. Сѐ уште не е познато под кое име ќе се натпреварува рускиот тим. На претходните ЗОИ во Пјонгчанг (2018) настапија под името Олимписки спортисти од Русија, поради казната за допинг-скандалот на ЗОИ (2014). Сепак, се предвидува Русите да освојат во Пекинг најмногу медали од кога било порано. Се прогнозира и дека домаќинот Кина нема многу да напредува во однос на ЗОИ Пјонгчанг, каде што освои осум медали, од кои две беа златни. Г.И.