АЛПСКО СКИЈАЊЕ
Шифрин на СП ќе настапи во четири дисциплини

Американката Микаела Шифрин планира да настапи во четири индивидуални дисциплини на Светското првенство (СП) во алпско скијање во Кортина д’Ампецо, Италија, кое почнува в понеделник. За неа тоа ќе бидат најмногу трки на едно СП во кариерата. Првата е во комбинација (супервелеслалом и слалом) в понеделник, потоа се супервелеслаломот во вторник, велеслаломот на 18 февруари и слаломот на 20 февруари.
Шифрин, која е четирикратна светска првенка во слалом, никогаш не настапила на повеќе од три трки на СП или на Зимски олимписки игри (ЗОИ). Таа секогаш се натпреваруваше во техничките дисциплини, во слалом и во велеслалом, а со брзите трки почна последниве години, прво во комбинација, на ЗОИ 2018, а потоа и во супервелеслалом, на СП 2019, каде што победи и, како што рече, беше изненадување и за неа.
Шифрин сезонава на натпреварите во Светскиот куп (СК) се приклучи подоцна, во ноември, поради повредата на грбот. Досега настапи на по пет слаломи и велеслаломи и забележа две победи, плус две искачувања на победничкиот подиум. Л.Д.


ФУДБАЛ – ПРЕМИЕР-ЛИГА

Саутемптон вторпат загуби со 0-9

Манчестер јунајтед го победи Саутемптон на својот стадион „Олд Трафорд“ со 9-0 и го израмни рекордот во англиската фудбалска Премиер-лига. Саутемптон вторпат во период од неполна една и пол година загуби со 0-9, првиот пат од Лестер, во октомври 2019 година, што е највисок пораз на домашен терен во клупската историја.
Третпат во историјата на Премиер-лигата еден тим губи со 0-9. Првиот пат Манчестер јунајтед го победи Ипсвич со тој резултат во 1995 година. Недостигаше само еден гол, па Јунајтед да го изедначи и клупскиот рекорд од 1956 година кога го совлада Андерлехт со 10-0.
Капитенот на „светците“, играчот за врска, Џејмс Вард-Проус, ја имаше таа несреќа да биде единствениот играч, дел од тимот во двата пораза со по 0-9. Александре Јанкевиц, бекот на Саутемптон, кој беше исклучен уште во втората минута, е првиот играч што е исклучен на првиот меч како стартер во Премиер- лигата, по Серж Орие од Тотенхем во септември 2017 година.
– Што да кажам? Ужас. Успеавме да се вратиме во живот по првите 0-9 против Лестер и ќе мораме да го направиме тоа повторно – изјави менаџерот на Саутемптон, Ралф Хазенхатл. Л.Д.


ИОК издадеприрачник со насоки за учесниците на Игрите

Интернационалниот олимписки комитет, Меѓународниот параолимписки комитет и Организацискиот одбор на ЛОИ 2020 го објавија првиот прирачник со насоки за спортистите и за другите инволвирани на Игрите летово, пишува ИОК на својата интернет-страница. Со насоките се обезбедува рамка на основни принципи за сите пред да патуваат во Јапонија, кога ќе влезат во Јапонија, за време на Игрите и кога ќе заминат од Јапонија, пишува ИОК.
– Здравјето и безбедноста на сите на Олимписките и на Параолимписките игри во Токио се наш врвен приоритет. Секој од нас има своја улога. Затоа се создадени овие насоки со правилата што секој од нас ќе го направат здрав, безбеден и активен соработник на Игрите. Знаеме дека овие Игри ќе бидат различни на повеќе начини. За сите учесници ќе има некои услови и ограничувања за кои се потребни флексибилност и разбирање. Ги обезбедуваме главните насоки во оваа фаза, но природно уште ги немаме сите последни детали, ажурирањето ќе биде објавено напролет и може да се промени по потреба уште поблиску до Игрите. Со обврска да ги следиме насоките, ќе бидеме посилни заедно. За возврат, Олимписките и Параолимписките игри во Токио ќе бидат запаметени како историски момент за човештвото, олимпиското движење и за сите што придонесуваат за нивниот успех – рече извршниот директор на ИОК, Кристоф Дуби, за интернет-страницата на ИОК.