АЛПСКО СКИЈАЊЕ
Обилен снег го одложи почетокот на СП

Поради обилните врнежи од снег, одложена е воведната вчерашна трка во комбинација (супервелеслалом и слалом) за жени на Светското првенство (СП) во алпско скијање во Кортина д’Ампецо, Италија. Временската ситуација ги принуди организаторите да ја откажат трката. Не беше објавен нов датум за трката. Меѓународната скијачка федерација соопшти дека дополнително ќе го објави новиот термин. Следниот понеделник е резервниот ден во распоредот на Светското првенство. За денеска се предвидени две трки, во супервелеслалом, во машка и во женска конкуренција. Л.Д.


ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ
Лајпциг и Ливерпул ќе играат во Будимпешта

Првиот осминафинален натпревар од Лигата на шампионите Лајпциг – Ливерпул на 16 февруари, наместо во Лајпциг, ќе се игра на арената „Ференц Пушкаш“ во Будимпешта, објави Европската фудбалска унија (УЕФА). Причината за промената е забраната за патување во Германија од земји погодени од новиот вид на ковид-19, меѓу нив и од Велика Британија, до 17 февруари. Реваншот треба да се игра на 10 март, на стадионот „Енфилд“, во Ливерпул. Л.Д.


ШАХ
Карлсен поведе на третиот Турнир на шампионите

Светскиот првак во шах Магнус Карлсен поведе на третиот од интернет-серијатa Турнири на шампионите во забрзан шах, откако по првиот ден освои четири од можните пет поени и со тоа го поправи впечатокот по разочарувачкиот настап во Вајк ан Зе во класичен шах. Карлсен почна со пораз од Весли Со, но потоа ги победи Левон Аронијан, Сам Шакланд, Матијас Блубаум и Тимур Раџабов. На турнирот играат 16 шахисти, а по прелиминарната фаза (15 минути плус 10 секунди за потег по играч), првите осуммина ќе играат по нокаут-систем. На првиот турнир од оваа серија победи Со, а на вториот Раџабов.
– Знам дека Весли е многу силен играч, а и претходно решив дека без оглед на тоа што ќе се случи во првиот круг, тоа нема да влијае на мене – рече по првиот ден Карлсен.
Табела по пет кола: Карлсен 4, Со и Непомнијашчи по 3,5, Вашер-Леграв, Гири и Раџабов по 3, Аронијан, Накамура, Дуда и Шакланд по 2,5, Дубов, Гришчук и Видит по 2, Блубаум и Лирен со 1,5 и Домингес 1. Г.И.