Според препораките во повеќе земји, спортистите работат дома, меѓу нив и многу македонски интернационалци. Во фудбалот, Арсенал им дал посебна програма и за рехабилитација на повредените, а шпанските гиганти Барселона и Реал Мадрид на своите членови, покрај упатствата за индивидуален тренинг, им дале и упатства за правилна исхрана

Спортска Европа веќе една седмица е во карантин. Многу спортисти низ континентот продолжуваат со работа во домашни услови. Дома работат и македонските ракометни интернационалци во Германија, Романија, Австрија, Франција, Шведска…
– Во Романија од завчера е прогласена вонредната состојба. Сите сме дома, излегуваме многу ретко, само за купување храна или во аптека. Тренинзите целосно ни прекинаа уште минатата недела, но добивме програма за тренирање дома. Според првичните најави, првенството ќе биде на пауза до 31 март, но, сепак, останува да видиме како ќе се одвиваат работите понатаму – изјави десното репрезентативно крило Гоце Георгиевски.
Во слична ситуација се и бундеслигашите.
– Сите сме во домашна изолација, добивме инструкции за индивидуална работа во домашни услови. Според одлуката на Федерацијата нема да тренираме до 22 април, а за потоа ќе чекаме дополнителни информации – велат Филип Талески и Мартин Томовски.
Со индивидуална програма за тренирање се и интернационалците во австрискиот Линц, Горан Крстевски и Никола Костески.

– И Австрија, како и сите други земји, живее во изолирани услови поради коронавирусот. Тренинзите и натпреварите засега ни се одложени до 3 април, а за понатаму ќе чекаме инструкции. Веќе една седмица немаме тренинзи, а секој од нас доби програма за индивидуално тренирање. Движењето низ градот е редуцирано на минимум и сите внимаваме на себе според препораките – вели Костески.
Ракометарот Никола Карабатиќ даде изјава за француската ТВ Спорт.
– Се чувствувам е како да сме дел од сценарио во апокалиптичен филм. Ме загрижува и тоа што некои луѓе не ги почитуваат упатствата за воздржување од непотребно излегување. Така само помагаат да се рашири вирусот. Треба да се остане дома и да се биде силен. Немам воопшто тренирано од последниот тренинг со ПСЖ, во петокот. Им приготвувам храна на моите деца, ги облекувам, долги ни се деновите, нема прошетки низ Париз – вели Карабатиќ.

Откако беше потврдено дека тренерот на Арсенал, Микел Артета, е позитивен на коронавирусот, англиската фудбалска Премиер-лига ги прекина сите активности до 4 април. Арсенал на секој играч му дал персонализирана програма за тренинг во домашни услови. Многу играчи на Арсенал имаат вежбалници во своите домови, а соодветна опрема и програма за рехабилитациски тренинзи добиле фудбалерите што закрепнуваат од повреди.

По препораката на Шпанската фудбалска федерација за прекинување на групните активности на тимовите, фудбалерите продолжиле со индивидуални тренинзи дома. Потврда за нивните домашни активности стигна од социјалните мрежи, каде што фудбалерите секојдневно поставуваат дел од своите физички активности во сопствените вежбалници, како капитенот на Реал Мадрид, Серхио Рамос, и голманот на Барселона Марк-Андре тер Штеген. Со видеопорака излезе и Лионел Меси, кој рече дека ова е исклучителен момент и дека треба да се следат сите препораки од здравствените и јавните власти. „Самоизолацијата е единствен начин со кој може ефикасно да се бориме со опасниот вирус. Бидете одговорни и останете дома“, рече Меси. Шпанските гиганти Барселона и Реал објавија дека нивните фудбалери во периодот на изолација, покрај упатствата за индивидуален тренинг, добиле и упатства за правилна исхрана.