Најдобриот македонски кајакар, Љубомир Спасиќ идната недела, од 30 мај до 3 јуни, ќе настапи на Светското првенство (СП) на диви води во Мутатхал, Швајцарија, во две трки, класик на 5 км и во спринт, на 500 метри.

– Утре заминувам на мини подготовки во Швајцарија, ќе направам неколку тренинзи на патеката на која ќе се одржуваат натпреварите на СП, за да се запознам што подобро на условите и на тоа што ќе ме очекува таму. Конкуренцијата ќе биде многу силна, но јас сум добро подготвен и се надевам на пласман меѓу најдобрите 20, со мала среќа на пласман во финалето и на борба за медал – вели Спасиќ.

По СП во Швајцарија, Спасиќ ќе настапи на натпреварите во Светскиот куп, во истите дисциплини (класик на 5 км и спринт на 500 метри). Натпреварите од првото и второто коло ќе се одржат на реката Врбас, кај Бањалука, БиХ (од 8 до 10 јуни), а во третото и четвртото коло на Сава и Храсник кај Целје, Словенија, (од 15 до 17 јуни) кое ќе биде и финале на сезоната, по што ќе биде познат конечниот поредок за 2018 година. Л.Д.