На првите ЛОИ во 1896 година шампионите добивале сребрени медали, од 1904 до 1912 медали од злато, оттогаш највредните признанија се позлатени, како и за ЛОИ 2020, но тие за годинава се уникатни, оти целосно се изработени од рециклирани метали извадени од над 78 илјади тони електронски отпад

Олимписките медали, веројатно, најпосакуваните медали во светот на спортот, на Летните олимписки игри во Токио годинава ќе го имаат своето уникатно издание. Тие целосно се изработени од рециклирани метали, извадени од над 78 илјади тони електронски отпад, собрани во акцијата низ цела Јапонија. Две години беа собирани електронски уреди, вклучувајќи и 6,21 милиони стари мобилни телефони. Така, се собрани потребните 32 кг злато, 3.500 кг сребро и 2.200 кг бронза за изработка на 5.000 медали.

И за овие ЛОИ, како и за повеќе претходни, златните медали се изработени до чисто сребро обложено со шест грама злато. Но сите олимписки шампиони досега не примале иста награда. Така, на првите ЛОИ од модерната ера, во Атина, во 1896 година, олимпискиот победник бил крунисан со маслинов венец, добивал сребрен медал и диплома. Џејмс Б. Коноли од САД е првиот современ олимписки шампион, кој бил награден на тој начин. Второпласираниот добивал бронзен медал, лаворов венец и диплома.

На Игрите во 1900 година победниците главно добивале пехари. Летните олимписки игри во 1904 година во Сент Луис се првите на кои биле доделени златни, сребрени и бронзени медали за првото, второто, односно за третото место. Од тие Игри до ЛОИ 1912 во Стокхолм златните медали биле направени од злато.

Олимписките медали почнаа да се изработуваат со стандардизиран дизајн од Игрите во 1928 година во Амстердам, кога Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) организира натпревар во дизајн, а победничкиот беше користен во следните 40 години. На задната страна беше традиционалниот дизајн на божицата на победата, држејќи палмина гранка во левата рака и победничка круна во десната, а на предната страна беше претставен олимписки победник како го носи публиката, со олимписки стадион во заднина.

Од 1972 година предната страна ја дизајнира домаќинот на ЛОИ во соработка со ИОК.
За ЛОИ 1904 медалот бил прикачен на обоена лента со игла за да се закачи на градите на спортистот. Дури на Игрите во Рим во 1960 година олимписките медали првпат беа дизајнирани така за да можат да бидат ставени околу вратот на најдобрите олимпијци. Во таа пригода за медалите бил дизајниран синџир со форми на лаворови листови, а подоцна најчесто тоа беше обоена лента.

Велика Британија е единствената што освојувала барем еден златен медал (поточно прво место) на секои досегашни летни олимписки игри, од 1896 до 2016 година.