Социјалните медиуми станаа важна алатка за откривање нова публика и за создавање нови можности за директна комуникација меѓу публиката и нивните омилени тимови, играчи, секако и за заработка. Покрај спонзорските партнери, спортистите сѐ повеќе ги користат и социјалните платформи за промовирање на сопствените бизниси

Кога професионалните спортски тимови почнаа да ги користат социјалните медиуми пред десетина години, тоа првенствено беше платформа за маркетинг и за комуникација со гледачите и за подобрување на маркетинг-пораките до нив. Оттогаш, социјалните медиуми станаа важна алатка за откривање нова публика и за создавање нови можности за директна комуникација меѓу публиката и нивните омилени тимови, особено играчи, секако и за заработка.

Социјалните медиуми станаа многу важни за спортот затоа што им овозможуваат на спортистите и на тимовите да го контролираат и да го обликуваат тоа што се кажува за нив. Пред појавата на социјалните медиуми, за спортистот или за тимот беше многу тешко да негираат што се говори за нив во медиумите, без разлика дали станува збор за обична гласина или за објавена приказна. Како пример може да се земе Килијан Мбапе, за кого летово се шпекулираше дека врши притисок врз ПСЖ да го пушти во Реал. Краткиот одговор на Мбапе на Твитер беше „лажни вести“.
Инстаграм-профилот на Португалецот Кристијано Роналдо, фудбалерот на Јувентус, е типичен за социјалните медиуми на многу начини. На него има семејни фотографии, снимки од одмор со пријателите, од патувања, од фитнес-центар и самослик на сонце, пишува „Форбс“. Но Инстаграм не е само забава и играчка за глобалната фудбалска икона. Тој има најмногу следбеници на планетата Земја, дури 194 милиони, а компании на Роналдо му плаќаат за да ги изложат таму своите производи, делумно поради неговото големо социјално присуство, кое е преплавено со рекламни промоции на производи на неговите спонзори, се вели во студијата на „Форбс“, во која се наведува дека меѓу трите водечки социјални платформи води Инстаграм, пред Твитер и Фејсбук.

Долгогодишниот ривал на Роналдо на зелениот терен, Аргентинецот Лионел Меси од Барселона, има вкупно 215 милиони следбеници на социјалните мрежи (139 милиони на Инстаграм). Околу 50 објави на Меси на кои се појавува „Адидас“ произведоа 150 милиони интеракции и заработка од 6,9 милиони долари за германската фирма, според пресметките на фирмата за аналитика на социјалните медиуми „Хукит“, пишува „Форбс“.
Покрај спонзорските партнери, спортистите сѐ повеќе ги користат и социјалните платформи за промовирање на сопствените бизниси. Тенисерката Серена Вилијамс на Инстаграм емитуваше видеа како јаде здрава храна од одредена фирма. Сервисот за испорака на здрава храна е рана инвестиција во нејзиниот нов фонд за вложување.

„Блејз пица“ имаше корист од промоцијата што ја направи НБА-кошаркарот Леброн Џејмс, кој има 116,3 милиони следбеници на социјалните мрежи. Џејмс инвестира во бизнисот „брза пица“ и има 21 франшиза. „Волстрит журнал“ неодамна објави дека Џејмс е еден од највлијателните во промоцијата на вина во светот. Со една објава на Инстаграм, во која детализира кое вино го пие, тој може да влијае на тоа кои вина ќе се нарачуваат во рестораните, наведува „Волстрит журнал“. И не треба да се заборави дека „светот е Холивуд“, во кој социјалните медиуми ги прават спортистите многу поголеми и поважни од кога било порано.

Џејмс е водечки на социјалните медиуми меѓу колегите во НБА, но има конкуренција во сопствената куќа. Неговиот син, Брони, кој е талентиран 14-годишен кошаркар, отвори профил на Инстаграм кон крајот на мај 2019 година и само за два месеца „собра“ 2,9 милиони следбеници.
Роналдо е меѓу првите петмина светски фудбалери со најголема вкупна застапеност (интеракција) на социјалните мрежи, со близу 900 милиони следбеници. Меси има околу 400, Нејмар 300, Мбапе 180, Мохамед Салах 160, а Пауло Дибала 150 милиони. Боксерот Конор Мекгрегор е единствениот што не е фудбалер меѓу седумтемина на оваа листа, петти, со 165 милиони следбеници.