Градски стадион во Скопје, 1963 година: Вака, полни со драматика, изгледаа завршниците на трките помеѓу Гавриловски (лево) и Михајлов (десно)

Гавриловски беше најдобриот македонски атлетичар во втората половина од 60-тите и почетокот на 70-тите години од минатиот век. Беше републички рекордер на сите средни и долги патеки од 800 до 10.000 метри. Неколку години беше на ранг-листата на најдобрите македонски спортисти, во 1968 година највисоко котираше, на третото место, зад олимпиецот Борче Димовски и незаборавниот голман Драган Мутибариќ

Животот брзо минува и со напливот на новите работи, старите некако се подзабораваат. Иста е ситуацијата и со спортските личности. За оние што ја исполнуваат сегашноста најчесто зборуваме, коментираме, ги гледаме и ги бодриме, а за оние што некогаш биле доминантни на спортската сцена малку зборуваме, дури и ги забораваме. Но затоа се тука хроничарите на минатото, да нѐ потсетат на тие асови. Еден од тие што не ги заборава легендарните спортисти од нашето македонско, порано и југословенско поднебје, сум и јас. Во минатото ги бележев резултатите, зашто тоа ми беше неопходно во работата како спортски новинар, а потоа и ТВ-коментатор, за многу подоцна, откако ги смалив темпото и ритамот со кој ги „бркав“ спортските настани, да почнам низ приказни, базирајќи се на нивните резултати и пред сѐ низ нивните кажувања, да ѝ ги претставувам на спортската јавност, зашто многумина од нив беа подзаборавени, а некои и наполно заборавени.

Токму еден од тие големи спортски асови од минатото што никогаш нема да го заборавам, а на кој и низ текстовите на сајтот на атлетскиот клуб Вардар се сеќава и со пиетет за него пишува професорот Мирослав Бошковиќ, е атлетскиот шампион и рекордер Сотир Гавриловски-Сотка. Иако релативно млад, против подмолната болест не можеше да се бори и во 1994 година ја загуби битката и ја напушти животната сцена. Јас, како негов другар и атлетски ривал, со големи емоции се сеќавам на годините кога другарувавме, но и кога водевме жестоки битки на патеката. Иако бевме врсници, јас порано ја почнав атлетската кариера и ги напаѓав постојните рекорди, а во некои, како на 1.500 метри со пречки, бев и првиот македонски рекордер. Сотир, пак, кој дојде од Прилеп почна подоцна, но резултатски многу ми се доближи на средните, а на дотогаш неприкосновениот Љубиша Трбоевски и на долгите патеки. Уште во почетокот беше јасно дека во младиот прилепчанец, кој стана член на Вардар, се кријат големи потенцијали.

МЕТЕОРСКИ ПРОБИВ ВО ЕЛИТАТА
Сотир Гавриловски уште во почетокот покажа дека е атлетичар во кој се кријат големи потенцијали. Како ретко кој дотогаш, Сотка имаше метеорски пробив меѓу елитните тркачи од Македонија, а потоа и од поранешна Југославија. Често заедно одевме на тренинг, а особено нашето дружење беше поинтензивно кога, поради последиците од земјотресот, соблекувалните на Градскиот стадион беа оштетени, па секој се снаоѓаше како знае, само да не го испушти тренингот. Јас со Сотка, како другари и големи ривали, во тоа време, особено кога застуде, а тоа беше периодот пред традиционалната улична трка „13 Ноември“, се соблекувавме кај мене дома. Живеев и сега живеам на истото место, во близината на Градскиот парк, кај кафеаната „Идадија“. Така, не ни беше тешко откај мене да ја поминеме улицата Илинденска и да дојдеме на патеките во Градскиот парк. Секојдневно минувавме по неколку километри. Сотка по програмата на својот тренер Петар Алексовски-Пепо, а јас според тренинг-програмата на професорот Чедо Шаревски, а потоа и на легендарниот Љубиша Трбоевски. На крајот од тренингот, кога секој ќе ги истрчаше планираните делници, се наоѓавме на истото место, на излезот од паркот, и се упатувавме повторно кај мене дома.
Сотка беше некако срамежлив и често знаеше да ми каже дека му е непријатно постојано да ги користи просториите од куќата во која живеев како соблекувална. Јас само ќе се насмеев на тоа и ќе му кажев дека тоа не е ништо, нели сме другари и противници на атлетската патека. Навистина беше така, ривалитетот меѓу нас двајца беше голем, а тоа, пак, придонесуваше меѓусебните трки да бидат многу интересни и за гледачите, кои тогаш доаѓаа во голем број на трибините. Таму се забораваше другарството и секој настојуваше да дојде до победата. Се сеќавам на многу завршници од трките, во кои во прво време постојано јас победував, а потоа, кога малку го намалив интензитетот на тренинзи, поради активниот ангажман како професионален спортски новинар, Сотка ја презеде палката и тој беше доминантен на средните и на долгите патеки во Македонија.

РЕКОРДЕР НА СИТЕ СРЕДНИ И ДОЛГИ ПАТЕКИ
Гавриловски со доаѓањето за тренер во АК Вардар на познатиот бугарски стручњак Георѓи Нечев продолжи со уште пожестоки тренинзи. Набргу дојдоа и резултатите од напорниот тренинг. Прво стана младински, потоа и сениорски рекордер на 800 метри, со што ги урна рекордите на Лазо Милошевски. Но не застана тука. Напротив, тоа како да го стимулира и ги нападна рекордите на 1.000 и на 2.000 метри. Но се чини дека највреден од сите резултати беше оној на 1.500 метри од 3:46,6 минути, со кој се проби меѓу најдобрите Југословени, а овој резултат долги години, до појавата на Стевче Георгиевски, егзистираше како македонски рекорд. Во периодот од 1967 до 1970 година, Гавриловски стана рекордер на сите средни и долги патеки во Македонија. Тогаш постојано беше и на ранг-листите на најдобрите македонски спортисти. Сепак, највисоко котираше во 1968 година, кога беше трет спортист во Републиката, зад олимпиецот Борче Димовски и голманот на Вардар Драган Мутибариќ.
Во својата кариера Гавриловски имаше пласмани на првите три места на шампионатите во поранешната држава на патеките од 1.500 до 10.000 метри. Се сеќавам на една негова феноменална трка на 10.000 метри на првенството на Југославија во Цеље. Во текот на целата трка се менуваа на челната позиција тој и домашниот атлетичар Драго Жунтар, кој потоа стана член на белградска Црвена звезда. Жунтар ја имаше поддршката од својата публика, која бучно го бодреше од трибините на специјализираниот атлетски стадион на АК Кладивар, единствениот стадион само за атлетски натпревари во Југославија. И токму таму, во текот на трката за шампионската титула на 10 километри, одекнуваше навивање, како да се работи за некој олимписки натпревар. Во завршницата од трката дури не се знаеше кому му е упатено тоа бодрење. Сотка и Драго влегоа во еден драматичен финиш, во кој домашниот атлетичар за гради беше побрз. Така Гавриловски ја загуби големата шанса да биде барем еднаш во кариерата шампион на Југославија. Но овој резултат му ја отвори вратата во сениорската репрезентација, за која настапи на двомечот со Италија, а и на некои други меѓународни трки.

ТРИ АСА СО ИСТА СУДБИНА
Колку може да биде суров животот покажува и судбината на тројца големи асови на македонската и на југословенската атлетика. Сите тројца, Лазо Милошевски, Сотир Гавриловски и Исмаил Мачев, починаа од иста болест – рак. Првиот ја загуби битката кога се чинеше дека веќе ја совладал подмолната болест. Весниците дури пишуваа за тоа како репрезентативниот спринтер, прв Македонец учесник на европските првенства, Лазо Милошевски, го победил ракот. Но тоа беше привидно. Неговото срце, борејќи се до последните мигови од животот, престана да чука во 1963 година. Сотир Гавриловски се бореше со подмолната болест, но неговиот организам попушти и почина во 1994 година. Атлетскиот свет не можеше да поверува дека уште еден спортист, кој испиша убави, би рекол незаборавни страници во македонската атлетика замина на ист начин како неговиот претходник Лазо Милошевски. Колку може да биде непредвидлив животот, а судбината сурова се потврди и третпат, кога минатата година од карцином почина уште еден голем македонски атлетичар, спринтерот Исмаил Мачев. Тој повеќе години живееше во Белград и настапуваше за Црвена звезда, во која до смртта беше и тренер. Тој беше стандарден југословенски репрезентативец, кој на Светското првенство во Токио во 1991 година во штафетната трка 4×400 метри беше четврти.
Текстот беше посветен на Сотир Гавриловски, но неизбежно беше поради врвните резултати во кралицата на спортовите, а и истата животна судбина да не ги споменам Милошевски и Мачев. Тројцата остануваат како светли ѕвезди во македонската атлетика, кои младите генерации не смеат да ги заборават. Добро е што има личности како поранешниот атлетичар, професорот Мирослав Бошковиќ, кој и денес преку сајтот на СД Вардар, особено на атлетскиот клуб, нѐ потсетува на многу настани и личности од минатите времиња. Хроничарите како скромниот Миро Бошковиќ, поради презентираните антологиски вредности, треба да се почитуваат.