Легендарниот англиски снукерист Рони О’Саливен шести пат стана светски првак. Тој ја освои посакуваната титула во Шефилд, по доминантниот триумф во финалниот дуел против неговиот сонародник Кајрен Вилсон со 18-8. Со тоа Рони го израмни рекордот на својот идол од детството, Стив Дејвис, по бројот на освоени титули на вечната листа на шампионите. Најмногу титули, пак, (седум) има Стивен Хендри од Шкотска.
Иако Вилсон се закани да возврати и успеа да го намали резултатот на 7-10, сепак, О’Саливен во следните осум партии (т.н. фејмови), оствари целосна доминација и на возраст од 44 години стана најстариот светски шампион, по Реј Рејдон, кој го стори тоа на 45 во далечната 1978 година.

На О’Саливен, освен посакуваниот трофеј, му припадна и паричната награда од 500.000 фунти. Со овој успех тој се проби и на второто место на светската ранг-листата, зад минатогодишниот шампион Џуд Трамп.
Со триумфот, О’Саливен наедно ја повтори и најголемата разлика, која воопшто е забележана во едно финале од 2002 година, кога токму тој го совлада Али Картер со истиот резултат (18-8).

О’Саливен претходните пет титули светски првак ги освои во 2001, 2004, 2008, 2012 и во 2013 година. Освен тоа, тој е рекордер и по бројот на мастерс-титулите (седум), како и по бројот на освоените првенства на Велика Британија (седум). Поради својот брз стил на игра, го добил прекарот Ракета.