Oд последната седница на УО на ШФМ

Скопје ќе биде домаќин на Европското поединечно шаховско првенство за 2019 година и истото тоа ќе се одржи во првата половина на идната година. Тоа е најзначајната вест што беше верификувана на третата седница на Управниот одбор (УО) на Шаховската федерација на Македонија (ШФМ), по претходно добиеното позитивно мислење од Агенцијата за млади и спорт (АМС).

За таа цел на почетокот на јуни (4-6) се очекува во Скопје да пристигне и претседателот на Европската шаховска федерација (ЕКУ), Зураб Азмајпарашвили, кој треба да оствари средба со челните луѓе на ШФМ и државата и на која би добил цврсти гаранции во врска со оваа кандидатура.

На тој начин продолжува традицијата на организација на големи шаховски манифестации во Македонија и во новиот милениум. Познато е дека во 2001 година Охрид беше домаќин на 2. Европско поединечно првенство, а во 2009 година во Охрид и во 2015 година во Скопје се одржа Европскиот клупски куп (ЕКК).

– Ако ја добиеме организацијата на Европското поединечно првенство во 2019-та, каде што се очекува да играат околу 300 шахисти од сите европски држави, тогаш по две години, односно во 2021 година, ќе бидеме домаќини и на екипното ЕП за мажи и жени. Две големи манифестации, кои ЕКУ практикува да ги доделува во пакет – вели претседателот на ШФМ, Благоја Богоевски.

На истата седница на УО на ШФМ беа донесени и други значајни одлуки. Така беше решено ШФМ во најкраток рок да распише јавен конкурс за избор на селектори на машката и на женската репрезентација на Македонија, бидејќи досегашниот мандат на актуелните селектори беше две години и тој заврши.

По одржаните консултации на стручниот совет, ШФМ донесе одлука Отвореното меѓународно првенство на Македонија да добие карактер на национален турнир и да се преименува во Отворено првенство на Македонија. ШФМ да почне да го организира Првенството на Македонија по Бергеров систем за 2019 година, а пласманот, пак, на годинашново Отворено првенство, кое ќе се игра во Скопје (1-9 септември) да биде пак еден од критериумите, за настап на Затвореното првенство во 2019 година, а на кое во првата година би настапиле првите шестмина од Отвореното првенство, тројцата најдобри по рејтинг и еден шахист по препорака на Стручниот совет при ШФМ. Победникот, пак, би бил шампион на Македонија за 2018 година.

На седницата беа утврдени и термините за првенствата на Македонија за млади, кои ќе се одржат во јуни во Струга, како и екипите што ќе настапат во квалификациите за Екипното првенство на Македонија.