Најдобри резултати од македонските претставници се очекуваат од Стојоски (100, 200 и 400 метри), Ивановски (1.500 и 3.000 м) и од Ислами (400 метри со пречки). Србија и Исланд доаѓаат со најсилните состави, а со Молдавија важат за фаворити првото место, што води во Втората лига

Македонија и Скопје викендов на арената „Тодор Проески“ ќе бидат домаќини на 8-то Европско првенство (ЕП) во атлетика, трета лига, во екипна конкуренција. На дводневната програма ќе бидат застапени сите атлетски дисциплини, а ќе настапат вкупно 337 атлетичари (179 мажи и 158 жени) од 14 земји, и тоа од Македонија, Албанија, Андора, Азербејџан, Ерменија, БиХ, Гибралтар, Сан Марино, Исланд, Косово, Лихтенштајн, Молдавија, Црна Гора и од Србија.

– Македонија ќе ја претставуваат вкупно 26 атлетичар(к)и во повеќе дисциплини. Најдобри резултати и пласмани се очекуваат од Јован Стојоски, кој ќе настапи во пократките дисциплини, на 100, 200 и на 400 метри, од Дарио Ивановски, кој ќе трча на 1.500 и на 3.000 метри и од Дрита Ислами, на 400 метри со пречки. Меѓу попознатите имиња на ова ЕП, за издвојување е Србинката Ивана Шпановиќ, европската и светска шампионка во скок во далечина, која е пријавена како резерва, но и самото нејзино присуство на ЕП е за поздравување и за почит. Освен неа, за спомнување е освојувачот на бронзен медал од ЕП во сала, во скок во далечина, Страхиња Јованчевиќ, па Асмир Колашинац, Елжан Бибиќ, Оливера Јефтиќ и други – изјави Александра Војневска, претседателката на Атлетската федерација на Македонија (АФМ) на вчерашната средба со новинарите во просториите на Агенцијата за млади и за спорт (АМС).

На средбата со новинарите присуствуваше и младиот, 21-годишен Стојоски, кој живее во Белград, Србија и кој од годинава ќе настапува за Македонија.
– Во добра форма сум, се надевам дека ќе забележам добри времиња на ова ЕП, најмалку во моите најдобри лични постигнувања забележани годинава – изјави Стојоски, кој во јуни во Белград делниците од 100 и 200 метри ги истрча за 10,82, односно 21,40 секунда, а на 31 јули во Беране, Црна Гора на 400 метри забележа време од 46,99 секунди.

Според информациите, Србија и Исланд доаѓаат со најсилните состави, а со Молдавија важат за фаворити за освојување на првото место што води во посилната Втора лига. Дводневните натпревари почнуваат в сабота, од 17.30 часот.