Стартот и целта ќе бидат на платото пред спортската сала „Борис Трајковски“. Се очекуваат околу 1.500 до 1.600 учесници, а за виртуелната маратонска трка има над 100 пријавени, главно од странство

АТЛЕТИКА

Без елитни тркачи маратонци од странство и со околу 1.500 до 1.600 учесници од Македонија, евентуално и од соседните земји, ќе се одржи годинашниот, 16-ти Скопски атлетски маратон на 4 октомври годинава, првично закажан за 10 мај годинава, а потоа одложен поради пандемијата на ковид-19, вели директорот на трката, Кире Синадиновски.
Покрај маратонот, годинава ќе се трчаат полумаратон и штафетна трка, без ревијална трка на пет километри, поради безбедносните протоколи. Стартот и целта ќе бидат на платото пред спортската сала „Борис Трајковски“, а трасата треба да биде прецизирана на денешниот состанок на организаторите со другите градски служби инволвирани во настанот.

– Безбедноста на сите учесници е во преден план, сѐ друго е второстепено. Ќе нема масовен старт за да се избегнат поблиските контакти, што значи дека ќе има голем бокс од кој натпреварувачите ќе стартуваат на секои 10 секунди, прво полумаратонците, потоа другите. За разлика од минатите години кога апелиравме што повеќе луѓе да излезат на скопските улици за да ги поздрават спортистите, сега не можеме да го правиме тоа. Најбитно е да се испочитуваат сите пропишани безбедносни мерки, настанот да помине во најдобар ред и да ја продолжиме традицијата – вели Синадиновски. Покрај маратонот, годинава ќе се одржи и виртуелна маратонска трка за која има над стотина пријавени, главно од странство.